Aрхивот е стручна единица на МАНУ основана заедно со Академијата. Во него се со­бираат, чуваат, обработуваат, заштитуваат и обезбедуваат за користење архивски материјали создадени при работата на Академијата, од нејзините членови како и од институции и пое­динци значајни за науката, уметноста, културата и историјата на Македонија.

Основната намена и функција на Архивот на МАНУ е да служи за истражувања од областа на науката, уметноста, културата и историјата, пр­венствено за членовите на Академија­та и нивните соработници но и за ос­танатите домашни и странски научни истражувачи при соодветни институ­ции од областа на науката, културата и уметноста.

Работата на Архивот ја раководи Архивски одбор составен од академи­ци кои ги претставуваат одделенијата на Академијата. Надлежноста на Ар­хивот на Академијата се протега низ целата територија на Република Ма­кедонија и е единствениот архив во земјата кој е самостоен и е надвор од обединетата мрежа на архиви на Репу­блика Македонија.

Архивот ги стекнува материја­лите по пат на отстапување, наслед­ство, подарок, откуп, депонирање и друга правна основа.

Поради неговата намена и функ­ција, Архивот на МАНУ во најголем дел содржи лични фондови на академи­ци и други личности од вонредно зна­чење за историјата, науката, културата и историјата на Македонија, како и на друштва и институции од разни пери­оди, потоа Матична архива на МАНУ, како и разни збирки, проекти и сл.

ФОТОГРАФИЈА ОД АРХИВОТ НА МАНУ, ФОНД НА А. ДЕН ДОЛАРД

ФОТОГРАФИЈА ОД АРХИВОТ НА МАНУ, ФОНД НА А. ДЕН ДОЛАРД

Архивските материјали се во најголем број од XIX и XX век, но има и постари, а најстарата архивска единица е фрагмент на пергамент од кириличен ракопис од XIII–XIV век, додека најстар целосно сочуван е ки­риличен ракопис од почетокот на XV век. Содржински се поврзани со про­учувањето на историјата, книжевнос­та, етнологијата, фолклорот, јазикот, ликовната уметност, архитектурата, музичкото творештво, правото, еко­номијата, медицината, хералдиката, биологијата итн. Архивот располага со богат библиотечен фонд (лични библиотечни фондови), стари и ретки книги, стари ракописи, нови ракопи­си, микрофилмови, звучни записи и видео-снимки, повелби и плакети, му­зикалии, архивалии, фотографии како и со богата збирка на уметнички сли­ки и предмети.

Приложените онлајн архивски материјали се мал дел од она што Архивот на МАНУ го поседува. Истите може да се користат со цитирање на изворот: Архив МАНУ, име на фондот и сигнатура.