Untitled logo

Делегација на Македонската академија на науките и умeтностите во состав акад. Таки Фити, претседател на МАНУ, акад. Луан Старова, потпретседател на МАНУ и акад. Глигор Јовановски, редовен член на МАНУ, на 28 и 29 јуни 2017 година оствари работна посета на Хрватската академија на науките и уметностите (HAZU). На средбата со делегацијата на HAZU во состав акад. Звонко Кусиќ, претседател на HAZU, акад. Велимир Неидхарт, потпретседател на HAZU, акад. Јакша Барбиќ, потпретседател на HAZU, акад. Павао Рудан, главен секретар на HAZU и академиците Милена Жиц Фукс и Владимир Бернанец, беше оценета досегашната соработка помеѓу двете академии и беше нагласена потребата за натамошно збогатување и продлабочување на меѓуакадемиската соработка и на соработката помеѓу другите научни институции на двете земји. Во разговорите беше договорено да продолжи соработката во областа на минерологијата и кристалографијата, којашто има долга традиција и датира од периодот помеѓу двете војни, да се користат искуствата на Хрватска во областа на истражувањата поврзани со основните мисии на националните академии (заштита на природното и на културното богатство) и искуствата поврзани со евроинтеграциските процеси – посебно во доменот на усогласувањето на правото со европските стандарди, да се интензивира соработката во областа на уметноста и културата – организирање на изложби на академиците од двете земји во Загреб и Скопје, преводи на книжевни дела на наши академици на хрватски јазик и на хрватски академици на македонски јазик и сл. Претседателот Фити замоли и побара од претседатело Кусиќ да се овозможи пристап и дигитално снимање на оригинални старословенски ракописи од Македонија кои се наоѓаат во HAZU со што би се збогатила збирката на старословенски ракописи при архивот на МАНУ. Барањето беше со задоволство прифатено од страна на претседателот Кусиќ.

Делегацијата на МАНУ, во придружба на Ректорот на штипскиот универзитет, проф. д-р Блажо Боев и на проф. д-р Ладислав Палинкаш, член – соработник на HAZU, го посетија и Сеучилиштето на Загреб, каде што со ректорот разговараа за меѓуниверзитетската соработка на двете земји.

На 29.06.2017 година, академиците Фити и Старова беа во посета на Самобор и на споменикот на Кочо Рацин изработен од нашиот скулптор Томе Серафимовски.

За време на посетата на HAZU, во Загреб се оддржа промоција на хрватското издание на романот на акад. Луан Старова Ервехе.

Фотографија од настанот: