Георги Старделов, кој потсетувајќи се на мислата на Црноризец Храбар дека „Бог им го пратил на Словените Константин – Кирил Философ кој им устроил 38 букви“ ќе каже дека „се случи божјо чудо, дека почна да врне дожд од букви и дека тие букви потоа се преточија во евангелија, станаа писмо, станаа книги“.  Така се роди и потоа се издигна, високо меѓу европските цивилизации, новата словенска цивилизација. Константин – Кирил Философ, како што ќе забележи нашиот познат филолог акад. Петар Христо Илиевски, уште од најрана младост се одликувал со бистар ум и голема жед за учење. На катедрата за филозофија на цариградскиот патријарх Фотиј бил избран за предавач по филозофија и не случајно го носел епитетот Философ. Константин – Кирил Философ бил пратен на три мисии: Сараценската, во 855 година, за да ги заштити христијаните од исламистичките агресори во Арабија; Хазарската, во 861 година, заедно со брат му Методиј, за да им се спротивстави на јудејските теолози; и Моравската во 863 година за да ги просвети Словените. По неуспехот на Моравската мисија, Кирилметодиевите ученици ќе пристигнат во средновековна Бугарија. Меѓу нив е и св. Климент Охридски, кој потоа од страна на кнезот Борис бил испратен во западниот дел на Македонија (Кутмичевица) и во Охрид го основал познатиот Охридски книжевен центар.