Пишува: Академик Љупчо Коцарев, Претседател на МАНУ

Има повеќе мисловни експерименти за кои ќе говорам во друга пригода, денес текстот ќе го започнам со следната загатка, „Ако дрво падне на ненаселен остров, дали тоа ќе предизвика звук?”.

Филозофи и мислители, низ векови, пишувале и анализирале, одговарајќи на ова прашање, за врската меѓу набљудувањето и перцепцијата. Можеби најважната тема што ја нуди загатката е поделбата помеѓу перцепцијата на некој предмет и неговата реалност. Со други зборови, што се подразбира под „постоење“, која е разликата помеѓу перцепцијата и реалноста?

Централна тема на овој текст се институциите, со посебен осврт на две од нив, државата и јазикот. Во основни институции се вбројуваат семејството, владата, економијата, образованието, религијата, но и јазикот, културата, и во поширок контекст, националната држава. Научниците велат дека државата е отелотворување на сите институции, при што се прави разлика помеѓу институциите со политичка и социјална (граѓанска) позадина.

Државите (или државите-нации) се млади институции, во споредба со, на пример, Римската империја која постои околу 1000 години. Државите-нации претставуваат балансирана мешавина од „нација“ (луѓе со заеднички атрибути и карактеристики, што тоа и да значи) и „држава“ (организиран политички систем со суверенитет над определен простор).

Изумирање на државите нации

Последниве дваесетина години, заради глобалните предизвици на кои државите не успеваат да најдат вистински одговор, тука пред се мислам на климатските промени и одржливиот развој, но и промените во доминантниот начин на производство во едно општество, глобализацијата на економијата, мислителите, пред се футуристи, почнаа да излегуваат со ставови дека државите-нации, постепено, ќе изумрат и ќе бидат заменети со држави-градови.

Вториот концепт за кој ќе зборувам денес е терминот јазик, кој, се разбира, е многу постар од терминот држава (држава-нација). Денес, копнениот дел на нашата планета (со исклучок на не-населениот Антарктик) е строго поделен меѓу држави-нации. Постојат само неколку држави-градови (на пример, Монако, Сингапур, Ватикан), што повеќе претставува историска аномалија во однос на тоа колку мал дел од светската популација живеат во нив.

Како последица на појавувањето на држави-нации, во последните двесте години, концептот еден јазик доби се повеќе идеолошки призвук, кој, за жал, иако разбран од социолозите и/или лингвистите, не најде пат до пошироката јавност, што резултираше во етнолингвистички национализам, кој се смета за нормална појава во многу земји од Европа. Терминот дијалект, повторно за жал, има негативна конотација и се смета за не-јазик, кој, со тек на време, треба да исчезне од употреба (за ова ќе пишувам во друго време и на друго место, но, не се слагам со оние кои ги критикуваат другите за користење дијалекти). Трето, и по трет пат за жал, денес, јазично-дијалектичкиот простор се повеќе се разбира како дискретен и конечен.

Јазиците не познаваат граници

Од друга страна, пред појавата на државите-нации, јазиците/дијалектите имаа просторна и временска димензија, при што се зборува за просторно временски јазичен/дијалектички континуум. Така, за разлика од државите-нации кои се формираат во точно определено време и имаат точно дефиниран суверенитет на определен простор, јазиците, кои се комплексни и адаптивни структури, се формираат во определен временски период, во период од повеќе стотици години, многу пред формирањето на државите-нации и не познаваат граници.

Со други зборови, јазиците немаат јасно дефинирани временски и просторни точки/граници, туку можеме да зборуваме за временски и просторни интервали на јазиците. Така, на пример, не постои точен момент во времето кога латинскиот јазик е заменет со француски, италијански или некој друг романски јазик. Исто така, во просторниот континуум, тешко е да се каже, на пример, каде започнува германскиот, а каде холандскиот јазик.

Македонскиот јазик се формира многу пред формирањето на државата Македонија. За тоа постојат бројни документи, но многу повеќе од тоа, фактот дека македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќе-вековните преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, препознатлив јазик, артикулирана свест за етно-културната посебност, колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и наратив за припадноста на одреден географски и историски простор.

Така на пример, во својата Автобиографија, Прличев ќе рече: „бев, како и денеска што сум уште, слаб во бугарскиот јазик”, уште еднаш потцртувајќи дека македонскиот и бугарскиот јазик, и тогаш, во втората половина на 19 век, се меѓусебно диференцирани. Таква е ситуацијата и денес, дури и уште понагласена е разликата, инаку зошто требаше да се преведуваат десетици/стотици книги од македонски на бугарски и од бугарски на македонски јазик.

Го почнав овој текст со еден мисловен експеримент. Во светот на науката, експериментот има два одговора, што зависи од тоа што е тоа звук. Ако одговорот е објективен (што подразбира надвор од нашата перцепција) и под звук се подразбираат механички бранови, нема потреба да бидеме таму, со поставување на уредни за мерење на брановите, може да се покаже дека дрвото кое паѓа предизвикува звук. Ако одговорот е поврзан со нас (и затоа е субјективен), па под звук се подразбираат вибрациите кои се генерираат во нашиот нервен систем, тогаш, на пустиот остров, паѓањето дрво нема да произведе звук.

Во духот на овој одговор, и прашањето дали македонскиот јазик постои пред формирањето на македонската држава, има два одговори:

Ако одговорот не зависи од нас, тогаш тој е потврден, не е возможно да се создаде јазик во еден момент, со актот на формирање на една национална држава. Македонскиот јазик постои од дамнина.

Ако одговорот има субјективен карактер и зависи од перцепцијата на слушателот, тогаш тој ќе ги содржи, во зависност од слушателот, обете – и одречни/негативни, и афирмативни карактеристики.

Единствена разлика е во тоа што, во вториот случај, тоа создава нетрпение и омраза меѓу и онака блиските народи, за што се виновни првенствено определени слоеви на обете држави, македонската и бугарската.

Статијата е исто така објавена на Дојче Веле и можете да ја погледнете тука.