Untitled logo

urosevicc Како што може да се види од излозите на софиските книжарници, неодамна  во нив е пуштен во продажба  романот на македонскиот писател Влада Урошевиќ  „Невестата на змејот“, во превод на бугарски јазик. Книгата на Урошевиќ  се појавува во издание на  софиската издавачка куќа „Изида“, а во превод од македонски на бугарски јазик направен од Марјан Петров. Овој роман на Урошевиќ е објавен на македонски во 2011 година, во „Магор“, и во оригиналот доживеал, набргу по појавата, и второ издание, а пред неколку години е преведен и на руски јазик од Олга Панкина  и објавен во Москва. „Невестата на змејот“ е трета книга на нашиот академик која е преведена на  бугарски – пред  овој роман бугарската публика имаше можност да се запознае со творештвото на Урошевиќ  преку две книги  избори од неговата поезија преведени на бугарски и издадени  во Софија: една, во превод на  Кирил Кадијски, објавена во 2006, а друга, во превод на Роман Кисјов, објавена во  2013 година. Во својата белешка-препорака за книгата, отпечатена на задната корица, издавачот вели:  „Невестата на змејот“  на македонскиот писател Влада Урошевиќ е оригинален роман, кој ги меша  бајковното со современото, фолкорното со „фантези“, фантастичното со реалното, минатото со сегашноста. Резултат е читлива и забавна книга, приказна за возрасни, раскажана на нетрадиционален начин со помош на модерни  постапки, со едновремено дејство сместено  во рамките на четири векови  од историјата на Балканот и на Европа, со  смеша од старовремски зборови и современи термини, и со неподатлив за имитирање, наш, балкански хумор“.