На 9 мај во Македонската академија на науките и уметностите се одржа основачката седница на посебно научно тело кое ќе ги истражува глобалните стратешки прашања со кои се соочуваат Македонија и светот наречено  Global Strategic Issues Research Initiative (GSIRI)Иницијатива за истражување на глобалните стратешки прашања.

Основањето на оваа група произлезе од потребата за научно истражување и согледување на стратешките прашања на глобално ниво со кои како сериозни предизвици се соочува Македонија во услови на актуелната криза. На основа на соработката од веќе одржаната научна конференција посветена на геополитичката и геостратешката положба на Македонија во услови на бегалско-мигрантската криза на 21.03.2016, на покана на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, основачката сединца се одржа во присуство на нeколку професори, експерти и истражувачи од академската заедница од Институтот за безбедност одбрана и мир при Филозофскиот факултет, Европскиот центар за мир и развој на ООН, Правниот факултет, Институтот за политички и социолошки истражувања, Македонското филозофско друштво како и највисоки претставници на Кабинетот на Претседателот на РМ, Институтот за геостратешки истражувања при МНР, Агенцијата за разузнавање, МВР, МО и АРМ.

Главната задача и цели на иницијативата ќе биде научно истражување и разгледување на сите глобални прашања и предизвици од политички, економски, безбедносен, културно-научен аспект во однос на геополитичката и геостратегиската положба на Република Македонија во рамки на регионот на Западен Балкан, Европската Унија и глобално поврзаниот свет.

Во моментот, Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ во рамки на оваа иницијатива подготвува издавање на зборник на трудовите кои беа претставени на научната конференција „Геополитичката  и геостратегиската положба на Р:Македонија во услови на бегалската криза“ одржана на 21.03.2016, како и на издавање на меѓународно научно списание Македонски геополитички преглед/Macedonian Geopolitical Review, организирање и одржување на меѓународна научна конференција закажана за есен, одржување на неколку научни дебати со видни истражувачи и експерти од странство како гости и изработка на посебна веб-страница www.gsiri.org која ќе биде отворена и ќе повикуваат сите заинтересирани искусни и помлади научни истражувачи и граѓани кои ги следат збиднувањата од стратешко значење да ги оставаат своите мислења.

Фотографии од настанот: