На 15. 02. 2018 година претседателот на Владата на Република Македонија, Г. Зоран Заев, ја посети МАНУ и со членовите на претседателството на МАНУ и поранешните претседатели на МАНУ разговараше за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија и за текот на досегашните преговори.

На самиот почеток на средбата, претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, нагласи дека со оглед на интензивирањето на преговорите помеѓу Република Македонија и Република Грција за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија, како и на фактот дека преговорите набрзо ќе навлезат во својата суштинска фаза, упатно и корисно е МАНУ да биде информирана од страна на Претседателот на Владата на Република Македонија за досегашниот тек на преговорачкиот процес.

Премиерот Заев, истакнувајќи дека напорите на нашата Влада за градење на добрососедски односи со Република Грција резултираа во создавање на поволна атмосфера за започнување на преговори за разрешување на овој тежок и долгогодишен проблем со кој се соочува Република Македонија и кој го забавува нашиот евроатлански интегративен процес, со сите негативни последици што од тоа произлегуваат, во синтетичка форма ги изложи барањата и позициите на Република Грција во преговорачкиот процес, но и позициите и основите на преговарачката стратегија на македонската страна. Премиерот Заев, исто така, изрази целосна подготвеност, добра волја и отвореност, да ги слушне мислењата, сугестиите и препораките на академиците за прашањето за името и за градење на аргументација на Република Македонија во преговорите со Република Грција.

Академиците во дискусијата посебно нагласија дека аргументацијата на Република Македонија во разговорите со Република Грција треба да се базира на две основни прашања: природата на спорот, кој дефинитивно е билатерален со оглед на фактот што 137 земји нè имаат признаено под уставното име и покрај аспирацијата на Република Грција да го димензионира во интернационален, и предметот на расправа, кој во согласност со Привремената спогодба е само името, односно надминување на разликите за името на државата, а не и други прашања, особено не и идентитетските прашања, кои влегуваат во сферата на елементарните човечки права и за кои не се преговара. Академиците, исто така, нагласија дека МАНУ има јасни погледи и ставови во врска со прашањето за името (но и за други прашања кои неоправдано се наметнуваа како прашања поврзани со името), градени во континуитет, научно засновани и добро аргументирани, кои можат корисно да послужат во зацврстувањето на нашата преговарачка позиција.

На крајот на средбата беше договорено да продолжи меѓусебната соработка и консултациите меѓу работни групи од МАНУ и стручните тимови на Владата на Република Македонија.

Фотографии од настанот: