На 25 и 26 јануари 2016 година, делегација на Српската академија на науките и уметностите предводена од претседателот на САНУ, акад. Владимир Костиќ, престојуваше во возвратна посета на Македонската академија на науките и уметностите. Раководствата на двете академии разговараа за понатамошно интензивирање и продлабочување на меѓусебната соработка во областа на науките и уметностите. На средбата беше договорено во текот на оваа година да започне реализацијата на 13 заеднички научни проекти од природните и општествените науки (математика, биологија, геологија, медицина, економија, лингвистика), како и од областа на уметноста и културата. Соработката, покрај учеството на научници и уметници од двете академии, ќе опфати и учесници од академската заедница, на заедничките научни собири што ќе бидат организирани од двете академии, студиски престои на претставници од двете академии, заедничко аплицирање на научни проекти во рамките на европските програми, организирање изложби на македонски уметници во Белград и на српски уметници во Скопје, присуство на претставници на двете академии на промоции на значајни научни дела и уметнички средби, како и редовно заемно информирање за настаните во двете академии. Претседателите на двете академии, акад. Таки Фити и акад. Владимир Костиќ, притоа, го потпишаа Протоколот за научна и уметничка соработка помеѓу МАНУ и САНУ.

Фотографии од настанот: