На 18.02.2016 година Претседателот на МАНУ акад. Таки Фити оствари средба со Министерот за надворешни работи на Република Македонија м-р Никола Поповски, по негово барање. Министерот Поповски посебно се интересираше за меѓународната соработка на МАНУ и во тој контекст особено за соработката на МАНУ со академиите од соседните земји. Акад. Фити информираше дека во последниве две години е интензивирана соработката со Бугарската академија на науките и уметностите (БАН), со Српската академија на науките и уметностите (САНУ), Црногорската кадемија на науките и уметностите, со Косовската aкадемија на науките и уметностите и со Албанската академија на науките и уметностите. Со академијата на Грција, од познатите причини, не е воспоставена директна соработка, но тече соработката на Центарот за генетски истражувања на МАНУ “Георги Ефремов“ со соодветни научни и истражувачки институции од Грција, како и на другите центри на МАНУ кои аплицираат на европски проекти заедно со грчки научни институции и научни институции од другите соседни земји. Акад. Фити посебно потенцираше дека соработката со академиите од соседството е базирана врз принципите на рамноправност, заемно почитување и дека научните проекти и расправи опфаќаат теми од сите области на науките и уметностите, вклучувајќи и најчувствителни теми (историја, јазик, идентитет итн.), за кои се дебатира со научни факти и аргументи, односно дека дебатите се ослободени од идеолошки предубедувања и метафизички искази кои се резултат на тешкото историско наследство на турбулентните простори на Балканот. Ваквата ориентација на МАНУ веќе испорачува позитивни резултати. Имено, од бројните научни проекти од меѓуакадемската соработка МАНУ – БАН, првиот Зборник на научни трудови на тема: “Модернизам во бугарската и македонската литература“, објавен е во Софија на бугарски и македонски јазик и наскоро ќе биде промовиран во Бугарскта академија на науките, а потоа и во Македонската академија на науките и уметностите.

Министерот Поповски и Претседателот Фити се согласија дека ваквите активности на МАНУ даваат придонес не само во афирмацијата на МАНУ, туку и на Република Македонија, дека ваквиот пристап отвора можности за подобрување на меѓусоседските односи и за изнајдувања решенија на отворените прашања и проблеми со почитување на европските вредности и стандарди.

На средбата стана збор и за соработката на МАНУ со други странски академии и научни институции: Европската академија на науките и уметностите, Австриската академија на науките, Германската национална академија Леополдина, Германското научно друштво Лајбниц, Француските академии и научни институции и др.

Фотографии од настанот: