Untitled logo

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), на 9 октомври 2017 година, го прослави својот голем јубилеј – 50 години од основањето. Одбележувањето на полувековниот јубилеј од формирањето на оваа највисока научна и уметничка институција во Република Македонија беше организирано во два дела: работен и церемонијален.

Во рамките на работниот дел, во 11 часот, се одржа Свечена седница во просториите на МАНУ, која официјално ја отвори потпретседателот на Академијата, акад. Владо Матевски. На седницата во Свечената сала на МАНУ, најнапред, свое поздравно обраќање имаше претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити. По неговото излагање, се обратија и претставниците на странските академии: претседателот на Меѓуна­род­ната унија на академии, професор Оивинд Андерсен; претседателот на Научното друштво од Берлин „Лајбниц“, професор Герхард Банзе; претседателот на Бугарската академија на науките, академик Јулијан Ревалски; претседателот на Српската академија на науките и уметностите, академик Владимир Костиќ; претседателот на Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина, академик Милош Трифковиќ; претседателот на Академијата на науките и уметностите на Република Српска, академик Рајко Кузмановиќ; претседателот на Црногорската академија на науките и уметностите, академик Драган Вукчевиќ; претседателот на Косовската академија на науките и уметностите, академик Хивзи Ислами; потпретседателот на Хрватската академија на науките и уметностите, академик Јакша Барбиќ; потпретседателот на Словенечката академија на науките и уметностите, академик Петер Штих; секретарот на Албанската академија на науките, академик Васил Толе; научниот секретар на Словачката академија на науките, д-р Душан Галик; генералниот секретар на Унгарската академија на науките, професор Адам Торок; членот на Претседателството на Австриската академија на науките, академик Оливер Шмит; членот на Советот на Турската академија на науките, проф. Танер Демирер; и директорот на Институтот за славистика при Чешката академија на науките, д-р Вацлав Чермак.

За МАНУ присуството на голем број високи претставници на странски академии и меѓународни асоцијации на академии претставуваше голема чест, особено поради фактот што сите тие во своите поздравни обраќања зборуваа со посебна почит кон нашата институција и резултатите што таа ги постигна во својот полувековен опстој.

Во продолжение на Работната седница, претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити, во име на Претседателството на МАНУ, им го додели меѓународното признание – медалот „Блаже Конески“ за 2017 година на добитниците: академик Радомир Ивановиќ од Република Србија, Бенјамин Лангер од Сојузна Република Германија и на проф. д-р Виктор Фридман од Соединетите Американски Држави.

Во име на МАНУ, научниот секретар акад. Леонид Грчев, во знак на благодарност за успешната соработка и за поддршката на нејзиното научно и уметничко творештво, ги соопшти добитниците на признанијата: плакети (на претседателот на Република Македонија, Н.Е. Ѓорге Иванов; Владата на Република Македонија; Собранието на Република Македонија; Фондацијата „Трифун Костовски“; Комерцијална банка АД – Скопје; и на Шпаркасе банка Македонија АД – Скопје); благодарници (на институции  и на претпријатија кои во рамките на нивната општествена одговорност соработуваат со Академијата и сестрано ја поддржуваат нејзината научна и уметничка работа); пригодни ковани пари – сребреници, кои ги издаде Народна банка на Република Македонија (на претседателот на Република Македонија; Владата на Република Македонија; Собранието на  Република Македонија; Македонската православна црква; Фондацијата „Трифун Костовски“; Комерцијална банка АД – Скопје; Шпаркасе банка Македонија АД – Скопје; претставници на странските академии; членовите на МАНУ; членови на МАНУ надвор од работниот состав; и на вработените и пензионираните работници на Академијата со работен стаж над 20 години во МАНУ).

На крајот од Работната седница, научниот секретар акад. Леонид Грчев ги покани гостите да ги проследат изложбите по повод големиот јубилеј: на архивски материјали; на изданија на МАНУ, со акцент на двете јубилејни публикации – „50 години МАНУ“ и „Приоритети на идниот развој на Република Македонија“; постојаната постановка на Збирката на минерали од Република Македонија збогатена со капитални примероци; и ликовната изложба на членовите на Македонската академија на науките и уметностите, на која се обрати акад. Газанфер Бајрам.

Во рамките на Работната седница посветена на изложбениот дел, промотивно беше изложена пригодна марка која ја изготви Бирото за филателија при „Македонска пошта“.

Во рамките на церемонијалниот дел, во 20 часот, се одржа Свечена академија во Македонската опера и балет. На чествувањето на овој голем јубилеј, на Свечената академија, се обратија: претседателот на Република Македонија, Н.Е. Ѓорге Иванов; претседателот на МАНУ, акад. Таки Фити; акад. Ѓорѓи Филиповски, член на МАНУ од првиот работен состав; и потпретседателката на Асоцијацијата на европските академии (АЛЕА), акад. Даниела Јежова.

На Свечената академија беа присутни членови на државниот врв на Република Македонија, дипломатскиот кор во Република Македонија, претставници на странски академии, претставници на Македонската православна црква и на другите верски заедници, членови на МАНУ, претставници од научната и уметничката сфера и други уважени гости поддржувачи на дејноста на МАНУ.

Во културно-уметничкиот дел на програмата, се проследија избрани дела од македонски композитори – членови на Македонската академија на науките и уметностите – акад. Тодор Скаловски, акад. Властимир Николовски и акад. Ристо Аврамовски.

На крајот, промотивно се прикажа документарниот филм „50 години МАНУ“ – сведоштво за растежот и подемот на Академијата, сеќавања и факти, предизвици и постигнувања, но и погледи кон иднината.

По завршувањето на официјалниот дел, гостите наздравија во чест на одбележувањето на 50-годишниот јубилеј.

      ИЗВРШЕН ОДБОР НА
ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА МАНУ

 

Говорот на академик Таки Фити, претседател на МАНУ, може да го погледнете: ТУКА.

Обраќањето на Претседателот на Република Македонија, Неговата Eкселенција, д-р Ѓорге Иванов, може да го погледнете: ТУКА.

Фотографии од настанот: