Истражувачки центар за енергетика и одржлив развој

Истражувачкиот центар за енер­гетика, информатика и мате­ријали е основан како научна единица на МАНУ во 1986 година. Основоположник на Центарот е акад. Јордан Поп-Јорданов. Во 2014 година Центарот е преименуван во Истражу­вачки центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР). Во работата на Цен­тарот учествуваат: шест академици, еден научен советник, еден научен со­ работник, еден асистент-истражувач, двајца помлади истражувачи и еден административен секретар.

ИЦЕОР иницира, координира и реализира фундаментални и приме­нети истражувања во научните под­рачја од својот домен. Во изминатиов период во Центарот се изработени 95 научноистражувачки проекти, во чија реализација се вклучени и бројни со­ работници од земјата и од странство. Повеќе од половина од овие проекти се финансирани од странски извори, вклучително и Европските рамковни програми за истражување и техно­лошки развој (ФП6 и ФП7).

Покрај стриктно научни теми, беа опфатени и стратегиски проекти од национален карактер и витално значење за земјата:

  •  Две стратегии за развој на енергетика­та во Република Македонија – едната за периодот од 2010 до 2030 година и втората за периодот од 2015 до 2035 година;
  • Стратегија за искористување­то на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година;
  • Програма за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија за периодот 2013–2017;
  • Инвентар на стакленички гасови и анализи за ублажување на климатските промени во трите Нацио­нални извештаи за климатски проме­ни и Првиот двогодишен ажуриран извештај за климатски промени;
  • Ана­литичка поддршка за утврдување на Националните придонеси кон климат­ските промени за Глобалниот договор од Париз 2015;
  • Моделирање во енер­гетскиот сектор како дел од аналитич­ката и советодавна поддршка за зелен раст и климатски промени.

Во изминатите две децении ис­тражувачите од Центарот објавија по­веќе од 450 научни статии во меѓународни научни списанија, како и бројни трудови во монографии и зборници од меѓународни и домашни научни и стручни собири и остварија повеќе од 100 учества на научни собири во земјите на Европа, Америка и Азија. Дел од нив членуваат во уредувачки одбори на врвни меѓународни научни списанија и научни одбори на престижни конференции.

ИЦЕОР соработува со голем број странски научни институции во реализација на меѓународни проек­ти и е фокусна точка за Македонија на Меѓувладиниот панел за климат­ски промени (IPCC), како и еден од основачите на Регионалната група за енергетско планирање и моделирање на енергетски системи во чиј состав влегуваат тимови од Босна и Херцего­вина, Бугарија, Македонија, Србија и Хрватска. ИЦЕОР е препознатлив во меѓународната истражувачка заед­ница како еден од организаторите на Меѓународната научна конфе­ренција за одржлив развој на енер­гетски водни и околински системи (Седма SDEWES Конференција, Охрид, 2012 г., преку 250 учесници од 45 земји) и на Првата SDEWES Конференција за Југоисточна Евро­па (Охрид, 2014 г., преку 120 учес­ници од 32 земји). Центарот е се­диште на Националниот комитет за климатски промени. Повеќе информации за рабо­тата на Центарот може да се прочитаат на веб-страницата: iceor.manu.edu.mk