Датум на раѓање:
21 април 1949
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2006
Институции:
Одделот за невропатологија на Клиниката за психијатрија на College of Physicians and Surgeos of Columbia University, New York.
Област на работа:

Биографија

Д-р Горазд Росоклија е роден во Скопје на 21 април 1949 година, каде што ги завршил основното и средното образование. Медицинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го завршил во 1976 година. Се посветува на изучувањето на невролошките и на психијатриските болести. По завршувањето на лекарскиот стаж (1976- 1977), се вработил на Клиниката за невропсихијатрија при Клиничкиот центар на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што ja завршил специјализацијата по невропсихијатрија. За асистент на Клиниката за невропсихијатрија е избран во 1978 година. Една година (1985-1986) се усовршувал од областа на невропатологијата и невроимунологијата, во светски познатата лабораторија за невропатологија на болницата Salpetriere, Париз (Laboratoire de Neuro-pathologie Raymond Escourolle, Höpital de la Salpetriere, Universite Pierre et Marie Curie – Paris VI).
По враќањето од Париз во Скопје, на Клиниката за невропсихијатрија при Медицинскиот факултет формира лабораторија за невроимунологија и имунопатологија, која ja раководел од 1987-1992 година. Докторската дисертација на тема: „Карактеризација на лимфоцитните поттипови во мозочното ткиво, ЦСТ, и во крвта кај пациента со мозочни тумори и нивното значење за прогнозата и третманот“ ja одбранил со одличен успех во 1990 година. Петата година е избран за доцент при Катедрата за невропсихијатрија на Медицинскиот факултет во Скопје.
Вљубеникот во невроимунолошките иследувања и психијатријата реши истите да ги продолжи на светски познатиот универзитет Колумбија во Њујорк, САД, во одделите за невроимунологија, невропатологија и психијатрија на College of Physicians and Surgeons of Co-lumbia University, New York, N. Y. USA.
Работејќи напорно и постојано со своите колеги од САД, осо­бено со професорите Norman Latov, J. John Mann, Andrew J. Dwork и Serge Przedborski, д-р Горазд Росоклија се афирмирал и се докажал во САД, а и пошироко како водечки истражувач од подрачјето на невропсихијатријата со потекло од нашата земја.
Од 1998-2005 година тој е доцент по психијатрија, а од 2006 го­дина е вонреден професор за клиничка психијатрија на Department of Psychiatry, College of Physicians and Surgeous of Columbia, University, New York, N.Y., USA.
Од 1998 година досега тој е заменик директор на Одделот за невропатологија при Клиниката за психијатрија, на College of Phy­sicians and Surgeous of Columbia University, New York, N. Y.
Д-р Росоклија e автор и коавтор на бројни трудови базирани врз неговите научни истражувања.
Член е на Македонската асоцијација на невролозите и психијатрите, на Европското невролошко друштво, на Американската академија за неврологија, на Американската асоцијација на невропатолозите, на American Society for Neuroscience, на Schizophrenia Interna­tional Research Society и на Adaptive Ski Foundation (USA).
Д-р Росоклија како автор и коавтор досега има публикувано 30 трудови во познати светски невропсихијатриски и други списанија. Тие се цитирани вкупно 539 пати. Со 52 апстракти учествувал на навролошки состаноци, симпозиуми и конгреси.
Додека бил во Р. Македонија, во периодот од 1975 до 1998 го­дина публикувал 35 статии и апстракти, главно во македонски и југословенски списанија од областа на невроимунологијата, невропатологијата, неврофизиологијата и психијатријата.

Д-р Росоклија има остварено три базични научни придонеси. По хронолошки ред, тие се:

  1. Демонстрација дека дијабетичната невропатија се создава со активацијата на комплементот, што овозможи успешен третман на оваа состојба со интравенозни имуноглобулини.
  2. Демонстрација дека постои голема загуба на дендритични иглички во субикулумот кај шизофренијата, што евентуално може да доведе до невропатолошка класификација на главните психијатриски заболувања.
  3. Развој на прв метод за конзистентна Голџиева импрегнација на мозочно ткиво кај човекот и експерименталните животни, со што ќе се олесни иследувањето не само на психијатриската невропатија, туку, потенцијално, исто така и кај другите состојби, како што се болеста на моторниот неврон и болеста на Huntington, кај кои кортикал- ните компоненти не се добро иследени.

Ова се фундаментални придонеси чие значење широко се препознава низ целиот свет.
Д-р Росоклија ja создаде колекцијата на мозочно ткиво поме­ѓу Македонија и Државниот психијатриски институт на Њујорк. Оваа колекција е основа за истражувачки проекта во Европа и САД. Д-р Росоклија е клучна личност во реализацијата на овој сложен, колоса­лен проект, кој е од значење за македонската наука. Д-р Росоклија е врвен едукатор на млади научни кадри од Република Македонија и светот, кој со своето учество на најпознатите невролошки, психијатриски и невропатолошки конгреси ги шири и несебично ги дели своите достигнувања.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за биолошки и медицински науки.