profile_unknown_large
  • Email

    ircica@ircica.org

Датум на раѓање:
26 декември 1943
Место на раѓање:
Каиро
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2012
Институции:
Истанбулскиот универзитет и Организацијата на исламската конференција
Област на работа:

Биографија

Екмеледин Ихсаноглу (Ekmeleddin Ihsanoglu) е роден во 1943 година во турско семејство во Каиро, Египет. Дипломирал во 1966 на Факултетот за наука на Аин Шамс универзитетот во Каиро. Во периодот 1962-1966 година работел на каталогизација на печатени и ракописни книги во Одделот за ориентални студии во Националната библиотека во Каиро. Од 1966 до 1970 година предава турски јазик и книжевност на Аин Шамс универзитетот во Каиро. Магистрирал во 1970 година на Универзитетот Ал-Асхар во Каиро.
Од 1970 до 1980 година работи како професор на Факултетот за наука на Универзитетот во Анкара, Турција, каде докторирал во 1974 година, а од 1975 до 1977 година е научен соработник на Универзитетот во Ексетер во Велика Британија. Во 1984 година го основа Одделот за историја на науките на Факултетот за писма на Универзитетот во Истанбул и е негов претседател до 2000 година, а во 2003 година е визитинг-професор на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен, Германија.
Проф. д-р Ихсаноглу е водечка личност во научниот, културниот и политичкиот живот во исламскиот свет. Toj е еминентен професор по историја на науката, на османлиската историја, култура и цивилизација.
Проф. Ихсаноглу заземал и сега има високи функции во исламскиот свет: Основач и претседател на Турското друштво за историја на науката (1980), заменик претседател на Ал Фуркан фондацијата за исламско наследство (1998), генерален директор на Исламската конференција на истражувачкиот центар за исламска историја, уметност и култура (1980-2004), секретар на Меѓународната комисија за зачувување на исламското културно наследство (1983- 2000), претседател на Меѓународната унија за историја и филозофија на науката (2001-2005), а во 2005 година е избран за генерален се­кретар на Организацијата на исламската конференција.
Д-р Ихсаноглу е член на многубројни меѓународни академски институции, научни друштва, комитети и одбори, а се стекнал и со почесни докторати на бројни универзитети ширум светот.
Автор е на повеќе книги, статии и трудови за историјата на науката, турската култура, за односите меѓу муслиманскиот и западниот свет и за турско-арапските односи. Автор е на книгата „Турците во Египет и нивното културно наследство“ и автор, коавтор и уред­ник на публикациите Историја на отоманската астрономска лите­ратура, Историја на османлиската математичка литература, Историја на османлиската географска литература, Историја на отоманската музичка литература, Историја на отоманската воена литература и Историја на османлиската држава и цивлизација.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.