profile_unknown_large
Датум на раѓање:
1935
Место на раѓање:
с. Чука
Членство во МАНУ:
Член надвор од работен состав, 1979
Институции:
Кабинетот за балканистика и унгаристика на Универзитетот во Брно
Област на работа:

Биографија

Д-р Иван Доровски е роден во 1935 година во с. Чука, Егејска Македонија. Во 1948 година, споделувајќи ја судбината на многу деца од својот крај, е преселен во Чехословачка, каде што во Брно завршува Филозофски факултет. Во 1966 година, работејќи како асистент на Филозофскиот факултет во Брно, ја одбранува кандидатската дисертација „Рајко Жинзифов и руската и украинската литература“. Во 1974 година докторира со трудот „Чешка и Балканот“.
Од 1963 година е заменик шеф на Катедрата за странски јазици при Универзитетот во Брно, а од 1967 година работи како виш научен соработник во Кабинетот по Балканистика и унгаристика. На Филозофскиот факултет во Брно предава Литературна историја на балканските народи и води вежби по македонски јазик за студентите што студираат југославистика. Главен и одговорен уредник е на списанието „Университас”.
Списокот на научните, стручните и публицистичките трудови на д-р Иван Доровски, кој содржи 572 единици, го покажува неговото залагање да и презентира на чехословачката јавност ред имиња и текстови на македонски писатели. Тој се пројавува и како суптилен преведувач на македонската поезија на чешки јазик.
Д-р Доровски ја проучува македонската литература и врската и размената помеѓу неа и чешката и словачката литература. По своите оригинални резултати особено се истакнуваат неговите трудови за грчко-јужнословенските културни и литературни контакти во XVIII век, за чешко-македонските и македонско- чешките врски во XIX век и во првите децении на XX век, за јазикот на Рајко Жинзифов и Константин Петкович како наддијалектен македонски јазички модел во кој се изразени обидите „за определување на нормите на македонскиот литературен јазик врз национална основа”. Тие го претставуваат д-р Доровски како истакнат литературен историчар, славист и балканолог од средината на македонската емиграција од Егејска Македонија во Чехословачка.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 14 мај 1979 година.