profile_unknown_large
Датум на раѓање:
11 февруари 1943
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2009
Институции:
Правниот факултет во Загреб
Област на работа:

Биографија

Проф. д-р Михајло Дика (Mihajlo Dika) е роден на 11 февруари 1943 година во Скопје. Основно училиште и гимназија завршил во Пула. На Правниот факултет на Универзитетот во Загреб дипломирал во 1963 година.
На истиот факултет магистрирал на постдипломските студии од стопанско право во 1970, а докторирал во 1985 година на тема „Право на тужба“.
По дипломирањето работел во Загреб, како адвокатски, а потоа како судски приправник. Во 1967 година бил избран за судија на Општинскиот суд во Пореч, каде што бил и претседател на судот (1967-1971 година). Во 1971 година бил избран за научен асистент на Катедрата за граѓанско процесно право на Правниот факултет во Загреб. За доцент бил избран во 1985, за вонреден професор во 1988, а за редовен професор во 1991 година.
Стручно се усовршувал и во странство, во Салзбург, (Centre for American Legal Studies) и во Швајцарскиот институт за споредбено право во Лозана.
Проф. д-р Дика на Правниот факултет на Универзитетот во Загреб на додипломските студии предава граѓанско парнично процесно право, извршно право, вонпарнично право и стечајно право и подолг период е шеф на Катедрата за граѓанско процесно право. Предава и на постдипломските студии по граѓанско право и трговско право на Правниот факултет во Загреб, а повремено и на постдипломските студии во Будимпешта, Љубљана, Сплит, Мостар и во Скопје. Бил и декан на Правниот факултет во Загреб во периодот од 1999 до 2001 година.
Проф. д-р Михајло Дика е автор, односно коавтор на 25 книги, на над 60 научни трудови и на повеќе од 100 стручни трудови од областа на парничното, вонпарничното, извршното, стечајното и арбитражното право.
Проф. д-р Михајло Дика учествувал на бројни научни собири во земјата и во странство, во својство на референт, односно национален референт. Toj бил основач и водител на меѓународниот собир „Хрватски арбитражни денови“, во периодот 1992-2000 год, а во истиот период бил и уредник на списанието Croatian Arbitration Yearbook.
Проф. д-р Михајло Дика е член на Меѓународното здружение за процесно право, на Меѓународното здружение за компаративно право, на Хрватското арбитражно здружение и на Хрватското друштво за меѓународно право.
Проф. д-р Михајло Дика бил раководител, главен редактор или член на повеќе работни групи за изработка на закони од областа на граѓанското процесно право.
Бил секретар и потпретседател на Претседателството на Постојаниот избран суд при Хрватската стопанска комора, а во мај 2004 година, проф. д-р Дика е именуван за негов претседател.
Проф. д-р Михајло Дика е иницијатор за потпишување на Договорот за соработка меѓу Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Хрватска и Постојаниот избран суд (Арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија. Toj е и арбитер на листата на арбитри на Постојаниот избран суд при Стопанската комора на Република Македонија, како и арбитер во повеќе меѓународни арбитражи.
Проф. д-р Михајло Дика бил помошник на главниот уредник на проектот „Правна енциклопедија“, чија реализација била прекината пред неговото завршување. Сега е заменик на главниот уредник на Правниот лексикон на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ во Загреб и уредник за граѓанско процесно право.
Проф. д-р Михајло Дика е претседател на Советот на „Народне новине“ А.Д. Загреб за правна едукација. Во тоа својство во периодот од 2003 година до денес организирал дванаесет советувања на различни теми од областа на правото.
Проф. д-р Михајло Дика е еден од иницијаторите за потпишување на Договор за соработка меѓу Правниот факултет во Скопје и Правниот факултет во Загреб и член на паритетната комисија за меѓусебна соработка на двата факултета. Во тоа својство, а и во својство на декан на Правниот факултет во Загреб го организирал Првиот загребачко-скопски правен колоквиум во Загреб.
Во мај 2005 година на проф. д-р Михајло Дика му е доделена титула почесен доктор на науки (doctor honoris causa) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.