profile_unknown_large
Датум на раѓање:
27 јули 1929
Место на раѓање:
с. Мрчаевци кај Чачак
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 1986
Институции:
Универзитетот во Белград (Центар за мултидисциплинарни студии); Српската академија на науките и уметностите.
Област на работа:

Биографија

Роден е на 27 јули 1929 година во Мрчаевци кај Чачак. Дипломирал на Технолошкиот факултет во Белград во 1954 година. Докторирал на истиот факултет во 1962 година. Редовен професор е на Универзитетот во Белград (Центар за мултидиециплинарни студии).
Во 1974 година е избран за дописен член на САНУ, а во 1985 година за нејзин редовен член.
Момчило М. Ристиќ, сам или со соработници, има објавено 436 научни и стручни трудови, 11 книги како автор или коавтор и 19 книги како редактор. Во трудовите ги проучува проблемите на науката на материјалите: прогноза на особините на материјалите, теориски проучувања на процесите на синтеровање на кристални и некристални материјали, проучување на структурата и физичките особини на материјалите. Согласно со тоа, белградската школа за синтеровање, чиј основач е тој, постигна научни успеси кои се гледаат, покрај другото, и преку одбранетите докторски дисертации и магистерски трудови. Под неговото раководство одбранети се 28 докторски дисертации и 44 магистерски трудови, од кои 3 докторски дисертации и 3 магистерски трудови се од Македонија.
М. М. Ристиќ зема активно учество во меѓународната соработка во областа на науката за материјалите. Раководител е на програмите кои ое остваруваат во соработка со Leihigh University, Bethlehem (САД), National Advisory Board for Materials Science, Вашингтон (САД), Институтот за проблемите на науката за материјали на АН СССР во Киев и Институтот за супертврди материјали на АН СССР во Киев (СССР). Во сите овие програми се работи врз проучување на процесите во цврста фаза од коишто зависи добивање на материјали со однапред дадени особини. Врз истата проблематика М. М. Ристиќ соработува и со Max-Planck-Institut für Metalforschung, Stuttgart (ФРГ).
М. М. Ристиќ во 1981 година е избран за советник во областа на науката за материјалите во Институтот „Јожеф Стефан“ во Љубљана. За странски член на Комисијата за одбрана на докторски дисертации од областа на науката за синтеровање при Indian Institute of Technology во Kharagur (Индија) е избран во 1982 година, а во 1985 година, по четврти пат едно по друго, избран е за генерален секретар на Меѓународниот институт за наука за синтеровање и за главен уредник на меѓународното списание „Science of Sintering“.
Момчило М. Ристиќ има развиено долгогодишна и широка научна и стручна соработка со многубројни институции и научни работници од СР Македонија. Меѓу другото, соработува со Фабриката „11 Октомври” во Прилеп, во која е формирана заедничка лабораторија за композитни материјали, чијшто раководител е тој. Разгранети и постојани се и неговите научни врски со факултетите во СРМ, особено во областа на технологијата и хемијата на материјалите.
Момчило М. Ристиќ е потпретседател на Меѓуакадемискиот одбор за физички и хемиски особини на материјалите.
За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 26 јуни 1986 година.