profile_unknown_large
Датум на раѓање:
22 мај 1939
Место на раѓање:
Букурешт
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2006
Институции:
Романската академија на науките
Област на работа:

Биографија

Акад. Разван Теодореску е роден во 1939 година во Букурешт. Факултет за историја завршил во Букурешт, а во 1968 година специјализирал во Франдија.
Докторат по историски науки одбранил во 1972 година на Универзитетот во Букурешт. Во 1993 година е избран за дописен, а во 2000 година за редовен член на Романската академија на науките. Од 1990 година е професор по историја на уметноста и старите цивилизации на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт.
Во периодот 1994-2000 година е генерален секретар на Меѓународната асоцијација за студии на Југоисточна Европа (AIESEE). Од 1995 година е претседател на Одделот на УНЕСКО за студии на Југоисточна Европа. Во 2000 година е избран за ректор на Универзитетот „Media“. Има звање сенатор, а од декември 2000 година е министер за култура и религии на романската влада.
Акад. Р. Теодореску е член на повеќе меѓународни асоцијации и има добиено повеќе меѓународни награди. Toj е дописен член на Археолошкото друштво на Атина, член на Академијата на науките во Њујорк и дописен член на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите (од 1998 г.)
Добитник е на престижната Хердерова награда на Универзитетот во Виена. Француската влада му ja додели наградата „Витез од Редот на уметностите и книжевностите“ (1997). Добитник е и на наградите „Николае Jopra“ и на наградата „Берние“ на Францускиот институт во Париз.
Акад. Разван Теодореску е еден од најафирмираните научници, личност на културните дејствија од прв ред во Република Романија. Има објавено над 600 стручни и научни написи, студии и книги во Романија и во странство. Toj е и голем пријател на Македонија и соработник на Националниот комитет за Југоисточна Европа при МАНУ. Учествувал на научната конференција на ова тело одржана во Македонија. Минатата година во МАНУ го одржа своето преда­вање за „Триконхалните цркви од Климентовото време и нивното место во христијанската уметност“. Тесно соработува со Асоцијацијата на франкофоните во Македонија како претставник на Меѓународната асоцијација на франкофоните.
Разван Теодореску спаѓа во редот на многу сериозните проучувачи на средновековната уметност во романските земји (денешна Романија), како и на Молдова, но особеност на неговиот ангажман е проучувањето на ликовните и идејните контакта со културите и уметноста на земјите од соседството, каде што доминира византиската уметност на југ, како и готската уметност, ренесансата и постренесансните стилови во Средна Европа.
Акад. Р. Теодореску е полихистар со голема ерудиција, со бројни научни контакти во светот и подготвен секогаш да ги поддржи идеите и иницијативите што потекнуваат од Р. Македонија и посебно од МАНУ. На последниот Балканолошки конгрес што се одржа пред две години во Тирана, тој го истакна предлогот Македонија да биде домаќин на следниот меѓународен конгрес на балканолозите, истакнувајќи многу пофалби за подготвеноста на македонските институции и посебно на МАНУ во организирањето на собири со сложена организација. Неговиот предлог, и покрај отпорот на грчката делегација, е ставен во алтернатива со Кипар како потенцијален домакин, што е верификувано и во заклучоците на Конгресот.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за општествени науки.