profile_unknown_large
Датум на раѓање:
1944
Место на раѓање:
Даблин
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2015
Институции:
Државниот универзитет на Њујорк во Бингамтон, САД – математика (геометриска теорија на групи)
Област на работа:

Биографија

РОС ГЕГЕН (Ros Geoghegan) е роден во 1944 година во Даблин, Ир­ска. Студирал на Универзитетскиот ко­леџ во Даблин каде што дипломирал во 1963, а магистрирал во 1964 година. Бил асистент на истиот Колеџ во 1965-1966 година. Докторирал на Универ­зи­тетот Корнел, во САД во 1970 година.

Од 1970 до 1972 година бил член на Институтот за напредни сту­дии во Принстон, а од 1972 година до денес е вработен на Државниот уни­вер­зитет на Њујорк во Бингамтон: како доцент од 1972 до 1975 година; вон­реден про­фесор 1975–1984; редовен про­фесор 1984–2011; и бартле про­фесор по 2011 година до денес. Исто така, ги имал и следните позиции:  визитинг доцент на Универзитетот во Џорџија (1974–1975); член на Институтот за напредни студии во Принстон (1978–1979 и 1993); визитинг истражувач на Институтот за напредни научни студии (Bures-sur-Ivette), Париз (1985–1986); визитинг истражувач на Институтот за математички науки, Беркли, (1989 и 2007).  Покуси студиски престои остварил и во Мексико, Полска, Југославија, Шпанија, Германија, Швајцарија, Австралија и Франција.

Основното поле на истражување на Рос Геген е топологијата. Притоа, во тоа широко поле неговиот придонес е во заемната испреп­летеност помеѓу теоријата на групи и геометријата. Во текот на својата работа професор Рос Геген учествувал на голем број научни собири, се­минари и колоквиуми. Објавил 70 научни трудови и една монографија, при што, според Mathematical Review, неговите трудови се цитирани 439 пати од 245 автори.

Рос Геген е член на: Американското математичко друштво, Мате­матичкиот сојуз на Америка и на Ирското математичко друштво. Исто така, тој е член на уредувачките одбори на научните списанија Expo­sitiones Mathematicae, Tbilisi Mathematical Journal и Topology Proceedings.  Рецензент е во многу научни списанија меѓу кои се: Topology, Journal of Topolgy, Crelle’s Journal Mathematiche Annalen, Advances in Mathematics, Transactions of the American Mathematical Society. Американското мате­ма­тичко друштво има организирано две конференции посветени на Рос Геген, а во 199 година тој бил прогласен за Gehman предавач од страна на математичкиот сојуз на Америка. Под раководство на Рос Геген од страна на Националната фондација за наука на САД се финансирани 5 по­веќе­годишни проекти.

Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за природно-математички и биотехнички науки.