profile_unknown_large
Датум на раѓање:
31 мај 1968
Место на раѓање:
Охрид
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2015
Институции:
Институтот Јожеф Штефан во Љубљана; Меѓународната подипломска школа Јожеф Штефан (хабилитиран на Универзитетот во Љубљана)
Област на работа:

Биографија

Сашо Џероски е роден е во Охрид во 1968 година. Основно учи­лиш­те завршува во с. Драслајца, Струга, а средно училиште во Струга (првите две години) и Охрид (трета година), каде што со полагање на испити пред­вре­мено, во три години (со одличен успех) го завршува четворогодишното средно насочено образование (матема­тика и информатика) во октомври 1985. Во основното и средното училиште учес­твува на натпревари од различни области при што освојува бројни награди на регионално, републичко и сојузно ниво, а во јули 1985 и бронзен медал на XXV Меѓународна математичка олимпијада во Хелсинки, Финска. Од ноември 1985 образованието го продолжува во Љубљана, каде што на Факултетот за електротехника и информатика студира информатички и компјутерcки науки, дипломира во 1989 година и магистрира во 1991. Како дотогаш најмлад кандидат на факултетот докторира во 1995. За време на своите докторски студии Сашо Џероски престојува 9 месеци на Тјуринговиот институт во Глазгов, Шкотска каде што заедно со д.-р. Сти­вен Маглтон, работи на подрачјето на индуктивно логично програмирање, т.е. релациско учење и податочно рударење над комплексни податоци во формализмот на логика од прв ред. Една од централните теми на дисер­тацијата на Џероски е пресметковната комплексност на алгоритмите за ИЛП, додека другата централна тематика го засега подрачјето на ком­пјутерско откривање на природни закони (во науката) со фокус пред сѐ на автоматизираното моделирање на динамички системи со диференцијални равенки. За својата дисертација, Џероски во 1996 ја добива наградата „Златен медал на Јожеф Штефан“ што се доделува за најдобра и во светски рамки највидна (најцитирана) дисертација од областа на при­родните и техничките науки во Словенија.
Во рамки на својата научно-истражувачка кариера Сашо Џероски остварил постдокторски истражувања во Институтот Фраунхофер во Германија и Ираклион, Грција, а по враќањето на Институтот „Јожеф Штефан“ станува научен соработник и носител и координатор на повеќе домашни и меѓународни проекти. Се хабилитира во педагошки назив на Универзитетот во Љубљана и предава на Политехника Нова Горица, а во 2004 станува вонреден професор и дополнително се вработува на Меѓу­народната подипломска школа „Јожеф Штефан“. Предава на подипломски (магистарски и докторски) студии на теми тесно поврзани со неговите истражувања (анализа на комплексни и структурирани податоци, авто­матизирано моделирање на динамички системи, откривање на знаење од еколошки податоци). Во 2006 станува научен советник на Институтот „Јожеф Штефан“. Во 2005 Џероски ја започнува својата научна соработка со Македонија, конкретно со Институтот за информатика на ПМФ, УКИМ. Во периодот 2005-2009 соработува на неколку проекти од подрачјето на екологијата, каде методи за податочно рударење употребува на проблеми од областа на заштита на животната средина и природното наследство (и на Република Македонија). Во 2010 е избран за редовен професор на Универзитетот во Љубљана. Дополнително се вработува и како научен советник на Центарот на одличност за интегрирани пристапи кон хемијата и биологијата на протеините. Во периодот 2008–2014 соработува на по­веќе проекти на тема моделирање на динамички системи. Меѓу нив е нај­зна­чаен проектот „SUMO: Supermodeling by combining imperfect models“, кој го координира МАНУ.
Во својата научноистражувачка кариера објавил над 427 научни трудови, статии, монографии, поглавја во зборници, учебници и научни монографии, реферати на меѓународни научни собири како и 10 книги, при што има исклучително висока значајност, видност и релевантност со повеќе од 11000 цитати. Носител е на 18 меѓународни и 8 национални истражувачки проекти.
Избран е за член на Македонската академија на науките и умет­ностите надвор од работниот состав во Одделението за технички науки.