Д-р. Хари М. Сривастава е канадски државјанин од индиско потекло. Toj е редовен професор на Одделот за математика и статистика на Универзитетот Викторија во Канада, каде што за прв пат се вработува во 1969 година како вонреден професор (од 1969 до 1974 година) и е избран во звањето редовен професор во 1974 година. Професорот Сривастава престојувал како гостин-професор на многу универзитети во светот, меѓу другите и на Универзитетот на Западна Вирџинија (1967-1969), Давал универзитетот во Канада (1975), како и на Универзитетот Глазгов во Обединетото Кралство (1975-1976). Toj исто така остварил куси престои и на многу други универзитети и научноистражувачки установи во различни делови на светот, вклучувајќи ja и Индија.
Член е во и надвор од работниот состав (почесен) на поголем број научни друштва и академии во светот, има објавено 17 книги и монографии, поглавја во триесетина книги и енциклопедии, 706 статии во научни списанија и 36 соопштенија во зборници од меѓународни конференции. Напишал предговори за бројни книги и тематски списанија, и се јавува како уредник на поголем број книги во кои се објавени трудови посветени на познати и славни математичари. Цитати од неговите научно-истражувачки резултати се наоѓаат во многу книги и монографии од други автори, докторски десертации, како и списанија. Во моментот тој е член, главен или помошен уредник на над стотина меѓународни списанија. Написи од неговата биографија, најчесто проследени и со фотографии, се појавуваат во повеќе од педесетина енциклопедии, биографски збирки, именици и зборници.
Во четириесетгодишната научноистражувачка кариера Сривастава соработувал или објавил заеднички трудови со бројни математичари, физичари, статистичари, хемичари и астрофизичари од целиот свет.
Познати се и голем број математички концепти и објекти што го носат името на Сривастава: Сриваставините полиноми и функции. Карлиц-Сривастава полиноми, Сривастава-Букман полиноми, Сривастава-Сингал полиноми, Чан Чијан-Сривастава полиноми, Сривастава- Доуст хипергеометриски функции од повеќе променливи, Сривастава- Панда N-функции од повеќе променливи во области на трансцедентните функции, Чои-Саго-Сривастава, Јан-Ким-Сривастава и Џок-Сривастава оператори во теоријата на геометриски функции во комплексна анализа, Сривастава-Гупта оператори во теоријата на апроксимации, како и Адамчик-Сривастава методата во теоријата на аналитички броеви.
Најзначајниот придонес и резултати на Сривастава се во рамките на неговите тековни научно-истражувачки интереси: Реална и комплексна анализа; Фракционо сметање и неговата примена; Интегрални равенки и трансформации; Трансцедентни функции од повисок ред и нивната примена; q-редови и q-полиноми и Теорија на аналитички броеви.
Трудовите и соопштенијата на Сривастава се рецензирани во бројни афирмирани светски списанија.
Проф. Сривастава е поврзан со научни работници од ПМФ во заеднички трудови; со лични трудови и со трудови на негови соработници по повод јубилејни годишнини, а при излегувањето на првиот број на новооснованото списание Mathematica Macedonica основано во 2003 година од Дончо Димовски се јавува меѓу првите соработници со свој прилог. Toj пишува и заеднички трудови и со помлади македонски математичари така што оваа соработка има изгледи да се прошири и со пишување на заедничка монографија за што има предлог, како и за негово вклучување во постдипломските, односно постдокторските студии кај нас.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за математичко-технички науки.
hmsri@uvvmUVic.CA