ШАШТИ ХЕРМАНСОН (Kersti Hermansson) е родена на 14 февруари 1951 година во градот Мастерас во Шведска каде што ги завршила основното и средното образование, а потоа една година го посетувала Bryn Mawr колеџот во САД. Универзитетските студии ги завршила и магистрирала на Универзитетот во Упсала во Шведска. На Универзитетот во Упсала докторирала во 1984 година со докторска теза на тема Распределба на електроните во сврзана молекула од вода. Од 1984 до 1986 година била на постдокторски престој кај Dr. Enrico Clementi, во IBM Kingston во САД.
За предавач по неорганска хемија на Универзитетот во Упсала била избрана во 1986 година, за доцент во 1988, за вонреден професор во 1996 и за редовен професор на Универзитетот во Упсала во 2000 година. Во периодот од 2008 до 2012 била гостин-професор и на Кралскиот институт за технологија во Стокхолм. Почесни професорски звања има на Универзитетот во Банкок во Тајланд (2005 година) и на Универзитетот во Инсбрук во Австрија (2009 година).
За член на Кралската академија на науки во Упсала била избрана во 1988 година, за член на Кралското шведско научно друштво во Упсала во 2002 година, a за член на Кралската шведска академија на науките во 2007 година. Професор Хермансон има развиено долгогодишна богата и плодна меѓународна соработка со повеќе институции во светот од САД, Германија, Австрија, Холандија и Кина, како и онаа во рамките на европскиот COST проект. Проф. Хермансон особено ја истакнува долгогодишната (во текот на повеќе декади) и мошне успешна соработка на полето на структурната хемија и спектроскопијата со Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во својата научно-истражувачка работа Шашти Хермансон има објавено 209 научни трудови од кои 5-те најцитирани ја преминуваат бројката од околу 800 цитати, како и 8 заеднички трудови со проф. Љупчо Пејов. За својата работа е одликувана со награди и признанија од Шведската кралска академија на науки (1987), Универзитетот во Упсала (1988), Шведското хемиско друштво (2003). Член е на Нобеловата фодација (од 2010) и избрана е за дополнителен професор на Универзитетот во Бангкок, Тајланд како и за почесен професор во одделот за применета физика на јоните на универзитетот во Инсбрук, Австрија.
Избрана е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за природно-математички и биотехнички науки.