profile_unknown_large
Датум на раѓање:
28 ноември 1928
Место на раѓање:
Нови Сад
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2006
Институции:
Српската академија на науките и уметностите
Област на работа:

Биографија

Миодраг Павловиќ е, несомнено, еден од најголемите српски поети на XX век, писател кој со многу успех се пројавил во повеќе книжевни жанрови, мислител кој континуирано, низ повеќе децении, ja покажува длабочината и оригиналноста на својата миела.
Миодраг Павловиќ е роден на 28 ноември 1928 година во Нови Сад.
Го завршил средното и високото образование во Белград: дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Белград во 1954 година. Извесно време работел како лекар, а потоа бил директор на драмата во Народно позориште во Белград, предавач на историја на српската поезија на Универзитетот во Нови Сад, уредник во издавачкото претпријатие „Просвета“.
Од својата рана младост Павловиќ се определил за литература. Во самиот почеток на борбата за дедогматизација на југословенските култури, во 1952 година, излегува неговата прва поетска збирка „87 песни“ која, со смелоста на своите слики, со новината на своите теми, со модерноста на својот израз, претставува извонредно значаен датум во новата српска поезија, и ќе има свој видлив одглас во другите национални литератури на некогашната Југославија. Потоа следат многубројни поетски книги.
Миодраг Павловиќ објавил повеќе книги есеи: „Рокови на поезијата“, „Осум поети“, „Дневникот на песната“, „Поезијата и културата“, „Поетиката на модерното“, „Уништувачи и свадбари“, „Природниот облик и лик“, „Сликарството на Младен Србиновик“, „Обредното и говорното дело“, „Поетика на жртвениот обред“, „Говор за ништото“, „Храмот и преобразбата“, „Читање на замисленото“, „Есеи за народната и за старата српска поезија“.
Овој писател има две книги раскази: „Мостот без брегови“ и „Суштински луѓе“; два романа: „Второ пришествие“ и „Заливот на Афродита“; две книги патописи: „Кина“ и „Патишта кон храмот“; две книги драми: „Игри на безимените“ и „Чекори во подземјето“. Исто така, тој е составувач на неколку антологии: „Антологија на модер­ната англиска поезија“ со Светозар Бркиќ, „Антологија на српската поезија“, „Поезија на европскиот романтизам, и „Антологија на лирската народна поезија“”.
Развивањето на се пошироките кругови на жанровските и на тематските искуства на овој секогаш љубопитен и мошне образован уметник на зборот сведочи за сестраното и постојаното ширење на интересирањата во неговото разновидно и богато дело. Денес тоа дело е објект на голем број есеистички написи и проучувања и во сите нив се констатира дека станува збор за еден несекојдневен тво­рец, за една исклучителна личност која успеала во својот креативен фокус да опфати огромен број на теми што се клучни за суштествувањето на човекот на балканските простори и за неговите врски со другите цивилизациски средишта. Toj стремеж кон синтезата на националното и универзалното, на домашната традиција и светските вредности е постојано присутен кај овој творец.
Во превод на други јазици книги на Миодраг Павловиќ се објавени во Варшава, Прага, Франкфурт на Мајна, Будимпешта, Париз, Букурешт, Братислава, Њујорк, Краков, Атина, Лоѓ, Торонто, Лон­дон, Монтреал, Лозана, Софија, Тибинген и Виена. Две поетски збирки на Миодраг Павловиќ се објавени на македонски: „Караници“ и „Светли и темни празници“.
Драмите на Миодраг Павловиќ се изведувани на белградските театарски сцени како и на радио-станиците во Белград, Келн, Баден- Баден, Франкфурт и Лондон.
За своето книжевно дело Павловиќ добил многубројни награ­ди: наградата на Здружението на писателите на Србија; Октомвриската награда на Белград; „Змаевата награда“, наградите „Слободан Јовановиќ „Бранко Миљковиќ“ „Раде Драинац“ „Тодор Манојловиќ“, „Јован Дучиќ“, „Лаза Костиќ“ и „Десанка Максимовиќ“. Во 1991 го­дина ja добил Октомвриската награда за целокупното творештво, а во 1997 Повелба за животно дело на Здружението на писателите на Србија. Владата на Република Франција го именувала за офицер на Редот на литературата и уметноста, член е на Европската поетска академија со седиште во Луксембург, а во 2003 година ja добил Ев­ропската награда за поезија што ja доделува градот Минстер. Во 1970 година, на Струшките вечери на поезијата Миодраг Павловиќ ja добил тогаш првпат востановената награда „Златен венец на СВП“.
Во Српската академија на науките и уметностите Павловиќ е избран во 1978 како дописен, а во 1985 како редовен член.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за уметност.