profile_unknown_large
  • Email

    predrag.piper@ya.ru

Датум на раѓање:
20 август 1950
Место на раѓање:
Белград
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2015
Институции:
Филозофскиот факултет во Белград и Српската академија на науките и уметностите
Област на работа:

Биографија

Предраг Пипер е роден на 20 август 1950 година, во Белград.  Основното образование го започнал во родниот град, а го завршил во Сремска Каменица, а средно образование завр­шил во Нови Сад (1968). Дипломирал на Филозофскиот факултет во Нови Сад  во 1973 година, каде што потоа работел како асистент и доцент. Магистрирал во 1975 и докторирал во 1981 година, со темата Заменските пред­лози во рускиот, полскиот и срп­ско­хрватскиот јазик. На Филолошки­от факултет на Универ­зи­те­тот во Бел­град бил избран за вон­реден професор (1989) и редовен про­фесор (1991).

Предраг Пипер се занимава со проучување на граматичката и лек­сичката семантика на српскиот, рускиот, полскиот, словенечкиот, маке­дон­скиот, украинскиот, чешкиот, лужичкиот и другите словенски јазик, прашања од општата лингвистика, историја на словенската филологија и други славистички и лингвистички прашања.

Во рамките на своите славистички истражувања Предраг Пипер се занимава и со македонскиот јазик, за што тој објавил трудови во Охрид, Скопје, Белград и Сеул. Во Јужна Кореја ја вовел македонситиката на универзитетски студии (Описна граматика на македонски јазик на Ханкук Универзитетот за надворешни студии, 1994–1997). Во САНУ раководи со Одборот за српски јазик и литература во споредба со други јазици и книжевности, во рамките на кој силно ги поддржува проектите кои ги проучуваат српскиот јазик и српската литература во споредба со македонскиот јазик и македонската литература.

Бил шеф на Катедрата за руски јазик и книжевност на Филозоф­скиот факултет во Нови Сад и управник на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет во Белград. Во својата богата професорска ка­риера предавал и на универзитетите во Москва, Санкт Петербург, Воро­неж, Иваново, Сеул, Сапоро, Задар, Ниш, Љубљана, а бил гостински предавач во МАНУ и на Филолошкиот  Факултет Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Предраг Пипер е потпретседател на уредувачкиот одбор на Српската енциклопедија и главени уредник на списанието Јужно­словенски филолог. Исто така тој е член на уредувачки одбори и уреднички совети на неколку странски научни списанија. Како прет­седател на организациски одбор организирал неколку меѓународни сим­позиуми: Белград (1988), Нови Сад (2005), Нови Сад – Белград (2010), Сапоро (2011). Од 1985 година тој е член, а од 2009 година претседател на Комисијата за проучување на граматичката структура на словенските јазици при Меѓународниот Славистички комитет. Предраг Пипер бил заменик-претседател на Меѓународната асоцијација на професори по руски јазик и книжевност (1986–1990). Член е на Матица српска, Српската книжевна задруга и Друштвото на слависти на Србија. За дописен член на САНУ е избран на 30 октомври 2003 година. Во САНУ го иницирал основањето на две комисии и бил (ко)уредник на шест изданија на овие комисии.

Добитник е на наградите: Плакета за почесен член на  Бугарското русистичко друштво (Софија, 1990), Орден на пријателството меѓу на­родите (Москва, 1990), Наградата „Павле Ивиќ“ на Славистичкото друш­тво на Србија (со коавторите на Синтакса на современиот српски јазик, Белград 2007) и други.

Научното творештво на Предраг Пипер вклучува 196 посебни изданија, од кои 29 монографии, универзитетски учебници, библиографии и подготвени изданија, 2 преведени книги, 165 изданија на учебници и прирачници за основно и средно училиште (повеќе од педесет наслови) и 392 библиографски единици на студии, статии, презентации и др.

Избран е за член на Македонската академија на науките и умет­ностите надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука.