profile_unknown_large
Датум на раѓање:
27 април 1935
Место на раѓање:
с. Тројан
Членство во МАНУ:
Надвор од работен состав, 2012
Институции:
Област на работа:

Биографија

Љубомир Левчев е роден на 27 април 1935 година во Тројан, Бугарија. Завршил Филозофско- историски факултет на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Потоа работел како редактор, а потоа и главен редактор на „Литературен фронт“. Тогаш влегува во политичкиот живот и станува заменик министер на културата на Бугарија. Во повеќе од два мандата, до 1988 година, Левчев ja врши функцијата претседател на Сојузот на бугарските писатели. Формира своја фондација и издавачка куќа „Орфеј“, како и списание под истиот наслов со меѓународен борд, каде што се објавени дела од повеќе македонски писатели и поети, меѓу кои и делата на Славко Јаневски, Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Ефтим Клетников и др. Првата книга песни „Ѕвездите се мои“ ja објавува во 1957 година и со неа го свртува вниманието на бугарската критика како поет со исклучителна дарба. До последната објавена книга песни „Коњ со земни крилја“ која се појавува во 2009 г., Љубомир Левчев издал повеќе од 30 книги поезија, 3 романи: „Убиј го Бугаринот“, „Кој е следниот“ и „Панахида за мртвото време“ (наречен роман од спомени), потоа книга филозофски и политички расправи „Опасната слобода“, како и книгата „Поетското искуство“ во која ги открива начелата на својата поетика и своите сфаќања на поезијата.
Љубомир Левчев е еден од најзначајните бугарски поети, но и виден романсиер, есеист, историски публицист и филозофски мислител. Носител е на повеќе од 40 високи и престижни национални, балкански, европски и светски награди, признанија и одличја: избран е за Фелоу на Јејлскиот универзитет, САД; за член на Европската академија на уметноста, науката и културата, Франција; за член – основач на Европската академија за поезија, Луксембург; за член на меѓународната куќа на поезијата, Белгија; за член на Меѓународниот литературен фонд, Москва; за член на „Casa Nacional de la Poesia“, Линд. Истовремено Љубомир Левчев е добитник на наградата „Пуш­кин“, Москва; на позната награда за поезија на Сорбона, Париз; на светската награда за мистична поезија „Фернандо Риело“, Шпанија; носител е на Златниот орден за поезија на Францускиот институт, Париз; на звањето Рицар на поезијата, Франција, на Златниот венец на 49-те Струшки вечери на поезијата за 2010 година и др.
Метафизичната лирика на Левчев има еден автохтон, сло­венски, созерцателен, интуитивен и исповеден тон: таа е натопена со еден длабоко личен, интимен и интимистички внатрешен вглед. Неговата песна, како љубовта, никне од срцето, а се расцветува со умот. Со тоа Левчев се надоврзува на некои претставници на модерната руска поетска школа (Вознесенски, Висоцки, Ефтушенко) од кои го наследува наративниот поетски говор.
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за уметност.