Untitled logo

Претседателството на МАНУ изразува длабока загриженост за актуелната политичка состојба во земјата, за долгото опстојување на кризата, за продлабочувањето на меѓупартиските тензии во постизборниот период, кои, место кон смирување, водат кон понатамошно комплицирање на состојбите, кон продлабочување на поделбите меѓу граѓаните на нашата земја и кои продуцираат страв и немир пред големата неизвесност – што ќе донесе утрешниот ден.

Претседателството на МАНУ повторно укажува дека за надминување на кризата и враќање на земјата на патот на правната држава, ефективно функционирање на независни судски и други институции, владеење на правото и ослободување и раздвижување на евроатланските интеграциски процеси, најголема одговорност носат политичките партии и нивните раководства.

Претседателството на МАНУ оценува дека за расплетот на кризата неопходно е:

  • да престанат сите обиди за поттикнување на омраза, непријателство, па дури и закани за пресметки врз национална, етничка или политичка основа и истите да се осудат од политичките партии, медиумите и другите општествени субјекти, за да почне да се гради атмосфера на конструктивен, обединувачки и плодотворен дијалог;
  • дебатите за клучните реформски приоритети на земјата и комплексот на прашања од областа на меѓуетничките односи треба да се вратат и одвиваат во институциите на системот;
  • посебно е значајно, разрешувањето на прашањата кои ги тангираат меѓуетничките односи, кои во екот на кризата дополнително се политизираат и заоструваат, да се одвива во смирена и демократска атмосфера, без условувања, низ конструктивен дијалог, толеранција, транспарентност и заемно почитување на сите политички чинители, во согласност со постојниот Устав на Република Македонија, законската регулатива и меѓународните норми и стандарди. За содржината и уставната заснованост на секое понудено законско решение во оваа сфера, МАНУ ќе се произнесе тогаш кога таквите решенија ќе бидат доставени на јавен увид и расправа.

МАНУ очекува сите политички субјекти и државни институции да останат на рамништето на својата политичка и правна одговорност, воздржувајќи се од преземање на какви било активности во правец на влошување на политичката криза, и својата декларирана определба, да им служат на народот, да ја изразат низ започнување на неодложен меѓусебен отворен и јавен дијалог за стабилизација, демократски развој и забрзување на евроатланските интеграции на Република Македонија.

                                                                                                                                                       ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА МАНУ