,Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја информира јавноста дека на 2 април 2016 година почина академик Глигор Чемерски, сликар, графичар, мозаичар – член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.

Академик Глигор Чемерски е роден во Кавадарци на 9 март 1940 година. По завршеното средно образование во Скопје се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломира во 1963 година. Потоа, на истата Академија завршува постдипломски студии и се стекнува со звањето магистер на сликарство. Како стипендист на француската влада бил на студиски престој во Париз во 1969/70 година. Оттогаш реализирал повеќе студиски патувања во Египет, Грција, Италија, Холандија, Германија, Шведска, САД, а од 1983 до 2003 година бил еден од постојаните сликари на Gaierie du Fleuve во Париз.

Својата прва самостојна изложба ја отворил во Скопје, во 1962 година. Оттогаш до денес реализирал околу педесет самостојни изложби – во земјата и во странство – последните под наслов „Настани и знаци на земјата македонска“ во Москва (2014), Скопје (2015) и Софија (2016). Учествувал на повеќе од осумдесет групни изложби во земјата и во странство од кои поголем број биле антологиски претставувања на современото југословенско или македонско сликарство.

Во штафелајното сликарство создава експресионистички дела, проникнати со поетски реализам и фантастика.  Подоцна се сосредоточил врз автохтона интерпретација на средновековната иконографија.

Сликите на Глигор Чемерски се застапени во многубројни уметнички државни институции во земјава и во странство, како и во многубројни приватни колекции во Скопје, Париз, Амстердам, Хаг, Стокхолм, Рим, Њујорк, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил и др.

Ќе се сеќаваме на него и по неговите монументални споменици, кои претставуваат значаен дел од неговото творештво, изработени во современа техника на фреско-сликарството, ѕидната слика „Топла земја” во Стопанска банка во Скопје (1971), мозаичниот диптих „Македонија – светла земја” и „Македонија – земјата памети” сместени во резиденцијата на Претседателот на Република Македонија,  како и  по споменичните комплекси на отворен простор, изработени во техника на мозаик „На тиквешките танчарки“ во Кавадарци (1977), „Писма и пораки“ во Кавадарци (1981) и „Споменик на слободата“ во Кочани (1981).

Својата богата ерудиција од областа на историјата на уметноста и од историјата на цивилизациите воопшто, Глигор Чемерски ја изразил во низа есеистички текстови што ги објавувал во нашата периодика, почнувајќи од 1957 година. Во овие негови текстови е мошне забележлива моќта за синтеза на знаења од повеќе области, како и умеењето на вечните прашања на уметноста да им се пристапи од еден личен, оригинален аспект.

За своето творештво, тој е добитник на многубројни награди и признанија, меѓу кои и на високите награди „13 Ноември” и „11 Октомври”.

Смртта го затекна како Секретар на Одделението за уметност на Македонската академија на науките и уметностите и во екот на подготовките за неговата претстојна изложба во Српската академија на науките и уметностите.

Комеморативната седница за акад. Глигор Чемерски ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите на 5 април 2016 година (вторник), во 11,00 часот.

Погребот на академик Чемерски ќе се изврши на Градските гробишта во „Бутел” на 5 април (вторник) во 13.00 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во капелата во Бутел од 12.00 до 13.00 часот.