Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на ­­­30 март 2018 година во Скопје, почина акад. Цветан Грозданов, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.
Акад. Цветан Грозданов е роден на 5 март 1936 година во Охрид. Студирал на Филозофскиот факултет во Белград, каде што дипломирал и ја одбранил својата докторска дисертација.
Во 1985 година акад. Цветан Грозданов е избран за редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Акад. Цветан Грозданов имал и повеќе должности и функции во општествените тела од доменот на науката и културата, како и на Универзитетот во Скопје. Бил министер за култура во првата Влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание (1991/92 г.).
Во изминатите три децении акад. Цветан Грозданов исполнувал интензивна научноистражувачка работа како еминентен византолог со европска репутација. Настапувал на бројни научни собири во земјата и во странство и држел предавања за средновековната уметност во повеќе градови во Југославија, во Париз, во Академијата на науките во Прага, на универзитетите во Солун, Истанбул, Рим, Неапол, Софија и др.
Во целокупниот опус на акад. Цветан Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од св. Кирил и Методиј и св. Климент Охридски пa сè до XIX век. Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на св. Кирил и Методиј и нивните ученици – св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава, св. Ангелариј (познати како Седмочисленици).
За својата научна дејност акад. Грозданов има добиено голем број престижни награди и одликувања во земјата и во странство.
Акад. Цветан Грозданов е член на повеќе странски академии на науки и уметности и doctor honoris causa на повеќе универзитети.
За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 мај 1991, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996 година. Во периодот од 2004 до 2007 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметности.
Погребот на акад. Цветан Грозданов ќе се изврши на Градските гробишта во Охрид на ­­1 април (недела) во 14 часот, а неговите посмртни останки ќе бидат изложени во црквата Св. Софија во Охрид од 13 до 14 часот.
По повод смртта на акад. Цветан Грозданов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет – Скопје во Свечената сала на МАНУ ќе одржат заедничка комеморативната седница на 3 април 2018 година (вторник), во 13 часот.