Date of birth:
9 март 1940
Place of birth:
Кавадарци
Membership in MASA:
Редовен член, 2012
Institutions:
Field of expertise:
Сликарство

Biography

Глигор Чемерски е роден на 9 март 1940 година во Кавадарци.

По завршеното средно образовани во Скопје се запишува на Академијата за ликовни уметности во Белград, каде што дипломира во 1963 година. Потоа, на истата Академија завршува постдипломски студии и се стекнува со звање: магистер на сликарство. Како стипендист на француската влада има студиски престој во Париз во 1969/70 година. Оттогаш реализирал повеќе студиски патувања: во Египет, Грција, Италија, Холандија, Германија, Шведска, САД.

Уште пред да дипломира на Академијата за ликовни уметности ја има својата прва самостојна изложба (со Насо Беќаровски) во Скопје, во 1962 година. Оттогаш до денес има околу четириесет самостојни изложби – во земјата (Скопје, Охрид, Струмица, Струга, Кавадарци, Битола) и во странство (Белград, Будва, Загреб, Александрија, Хаг, Париз, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил). Освен тоа, учествувал на повеќе од осумдесет групни изложби во земјата и во странство (Скопје, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Дубровник, Пореч, Париз, Рим, Александрија, Истанбул, Софија, Прага, Грац, Букурешт, Москва, Мадрид, Копенхаген, Мексико Сити, Њујорк, Хаг, Даблин, Белфаст, Глазгов, Лондон, Атина) од кои поголем број биле антологиски претставувања на современото југословенско или македонско сликарство. Последниве години Чемерски е еден од постојаните сликари на „Galérie du Fleuve “ во Париз.

Сликите на Глигор Чемерски се застапени во Музејот на со- времената уметност – Скопје, Уметничката галерија Даут-пашин амам, колекцијата на цртежи и графики во НУБ „Св. Климент Охридски“, колекцијата на МАНУ, Музеите на Македонија – Скопје, Музеј- галеријата – Кавадарци, Уметничката галерија – Штип, Музејот на современа уметност – Белград, интернационалната колекција на музејот „Св. Кирил и Методиј“ – Софија, Музејот на уметноста во Феетвил во САД, во колекцијата на Ватикан, како и во многубројни приватни колекции во Скопје, Париз, Амстердам, Хаг, Стокхолм, Рим, Њујорк, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил и др.

Особено значаен дел од творепггвото на Глигор Чемерски претставуваат неговите монументални споменици. Во осовременета техника на фреско-сликарството реализирана е неговата голема ѕидна слика „Топла земја“ во Стопанска банка во Скопје (1971), додека во техника на мозаик се изведени споменичните комплекси во отворен простор: „Човекот и светлината“ во ХЕЦ „Вруток“ кај Гостивар (1975/76), 75 м2; „Раѓање на културата“ во Кавадарци (1976), 9 м2; „На тиквешките танчарки“ во Кавадарци (1977), 24 м2; „Писма и пораки“ во Кавадарци (1981), 12 м2; и „Споменик на слободата“ во Кочани (1981). Овој последен споменик содржи во себе 330 м2 мозаична површина што претставува, несомнено, еден од најголемите потфати од овој вид во европски размери.

Својата богата ерудиција од областа на историјата на уметноста и од историјата на цивилизациите воопшто, Глигор Чемерски ја изразил во низа есеистички текстови што ги објавувал во нашата периодика почнувајќи од 1957 година. Во овие негови текстови е мошне забележлива моќта за синтеза на знаења од повеќе области. како и умеењето на вечните прашања на уметноста да им се пристапи од еден личен, оригинален аспект. Чемерски е, несомнено, нашиот најобразован ликовен творец, и еден од ретките кои ја имаат способноста низ пишуваниот збор да ја изразат својата ликовна поетика.

Како резултат на неговата љубопитност за повеќе форми на изразување е и неговото ангажирање во областа на театарот. Чемерски реализирал неколку театарски претстави во вид на целосна ликовна поставка – од сценографија, преку костимографија, до плакат.

Но, неговата суштествена вокација е, без сомнение, сликарството. За резултатите постигнати во оваа за него доминантна и средишна по значење област Чемерски добил повеќе значајни награди и признанија. Почнувајќи од Првата награда за цртеж на Академијата за ликовни уметности во Белград (1960) и наградите што се редат во студентските денови, преку наградите на ДЛУМ „Нерешки мајстори” за сликарство (1978); „Климент Охридски“ за цртеж (1979); „Климент Охридски“ за графика (1980); „Никола Мартиноски“ за цртеж (1991 наградата „Гран при“ на изложбата „Зимски салон“ (1994) до највисоките награди „13 Ноември“ (1990) и „11 Октомври“ (1975).

Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите во Одделението за уметност во 2012 година.

Починал на 2 април 2016 година.

Библиографија