Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 9 септември 2021 година, во 71-та година од животот, почина акад. Предраг Пипер, член на МАНУ надвор од работниот состав.

Предраг Пипер е роден на 20 август 1950 година, во Белград. Основното образование го започнал во родниот град, а го завршил во Сремска Каменица, а средно образование завршил во Нови Сад (1968). Дипломирал на Филозофскиот факултет во Нови Сад во 1973 година, каде што потоа работел како асистент и доцент. Магистрирал во 1975 и докторирал во 1981 година, со темата Заменските предлози во рускиот, полскиот и српскохрватскиот јазик. На Филолошкиот факултет на Универзитетот во Белград бил избран за вонреден професор (1989) и редовен професор (1991).  За дописен член на САНУ е избран во 2003 година, а за редовен член на САНУ е избран во 2012 година.

Во рамките на своите славистички истражувања Предраг Пипер се занимавал и со македонскиот јазик, за што објавил трудови во Охрид, Скопје, Белград и во Сеул. Во Јужна Кореја ја вовел македонистиката на универзитетски студии (Описна граматика на македонски јазик на Универзитетот Ханкук за надворешни студии, 1994–1997). Во САНУ раководел со Одборот за српски јазик и литература во споредба со други јазици и книжевности, во чии рамки силно ги поддржувал проектите што ги проучуваат српскиот јазик и српската литература во споредба со македонскиот јазик и македонската литература. Од 2016 година тој беше раководител на билатералниот проект меѓу САНУ и МАНУ под наслов „Јазикот како запис на културата во етнолошката и лингвистичка анализа на релација Србија- Македонија “.

Бил шеф на Катедрата за руски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Нови Сад и раководител на Катедрата за славистика на Филолошкиот факултет во Белград. Во својата богата професорска кариера предавал и на универзитетите во Москва, Санкт Петербург, Воронеж, Иваново, Сеул, Сапоро, Задар, Ниш, Љубљана, а бил гостински предавач во МАНУ и на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Предраг Пипер бил потпретседател на Уредувачкиот одбор на Српската енциклопедија и главен уредник на списанието Јужнословенски филолог. Исто така, тој бил член на уредувачки одбори и уреднички совети на неколку странски научни списанија. Од 1985 година тој бил член, а од 2009 година претседател на Комисијата за проучување на граматичката структура на словенските јазици при Меѓународниот славистички комитет. Предраг Пипер бил заменик-претседател на Меѓународната асоцијација на професори по руски јазик и книжевност (1986–1990). Бил член на Матица српска, Српската книжевна задруга и Друштвото на слависти на Србија.

Добитник е на бројни награди и признанија: Орден на пријателството меѓу народите (Москва, 1990), Плакета за почесен член на Бугарското русистичко друштво (Софија, 1990), Наградата „Павле Ивиќ“ на Славистичкото друштво на Србија (со коавторите на Синтакса на современиот српски јазик, Белград 2007); и со академик Иван Клајн за Нормативната граматика на српскиот јазик, Нови Сад, 2013); Повелба „Радован Кошутиќ” на Славистичкото друштво на Србија (2016); Награда на Библиотеката на Матица српска „Златна книга” (2016); Повелба на Матица српска за негување на српската јазична норма (2018); Златна диплома на Филозофскиот факултет во Нови Сад (2019).

Научното творештво на Предраг Пипер вклучува 198 посебни изданија, од кои 31 монографии, универзитетски учебници, библиографии и подготвени изданија, 2 преведени книги, 165 изданија на учебници и прирачници за основно и за средно училиште (повеќе од педесет наслови) и преку 400 библиографски единици на студии, статии, прикази и др.

Во 2015 година е избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука.