Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 23 јуни 2022 година, во 84-тата година од животот, почина  д-р Кшиштоф Вроцлавски, член на МАНУ надвор од работниот состав.

Кшиштоф Вроцлавски (Krzysztof Wroclawski) над половина од својот научен пат го посвети на македонистичката проблематика. Роден е во 1937 година во градот Радом во Полска. Прво студирал петрографија на Варшавскиот универзитет, по дипломирањето се префрлил на Филолошкиот факултет и во 1965 година станал магистер по словенска филологија. Во 1974 година станува доктор по хуманистички науки, а во 1976 доктор хабилитиран по словенските литератури. Во 1991 година станува професор на Варшавскиот универзитет.
За време на својата работа на Варшавскиот универзитет (1965-2008), професорот Вроцлавски трипати беше директор на Институтот за словенска филологија; една каденција беше претседател на научниот совет на институтот „Полоникум“ чија задача е грижа за странските студенти – полонисти.
Д-р Вроцлавски е член на Етнолингвистичката комисија на МКС, член на президиумот на Полскиот славистични комитет и член на Балканистичката комисија при тој Комитет, член е и на Варшавското научно друштво и на Научниот совет на Инстититут за славистика на ПАН.
Во доменот на својата научна активност, д-р Вроцлавски ги набројува: славистичната фолклористика, културологијата и словенските литератури. Toj е автор на околу 200 научни трудови, од кои близу 90 се со македонистичка проблематика.
Од 1967 до 1970 година д-р Вроцлавски беше лектор по полски јазик на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Како што самиот оценува, овој престој во Македонија му бил најзначаен за неговата натамошна научна активност.
Лекторот Кшиштоф Вроцлавски остана во спомен на своите македонски студенти како нивен пријател и ангажиран популаризатор на информации за неговата родна Полска.
По враќањето во Полска, Вроцлавски не ги прекина пријателските врски со Македонија, често го гледавме меѓу нас на летната школа во Охрид, на конференции и симпозиуми организирани од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и МАНУ. Во Полска тој често им служел како извор на информации за Македонија на полските научни власти, а од друга страна редовно се грижел за гостите од Македонија.
Во 2000 година д-р Вроцлавски стана професор honoris causa на УКиМ. Во 2009 година МАНУ му го додели медалот „Блаже Конески“ како израз на благодарност за неговото долгогодишно актив­но учество во градењето и збогатувањето на македонската наука за фолклор. Во 2012 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за линг­вистика и литературна наука.