Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 16 јуни 2022 година, во 92-тата година од животот, почина  акад. Кајетан Гантар, член на МАНУ надвор од работниот состав.

Проф. д-р  Кајетан Гантар е афирмиран словенечки класичен филолог, литературен историчар и преведувач, широко познат во светот и во Македонија. Роден е на 11 октомври 1930 година во Љубљана. Основно училиште завршил во Целје, гимназија во Љубљана. Од 1950 до 1954 година студирал и дипломирал на групата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Љубљана кај професорите Милан Грошељ и Антон Совре. Првиот го ориентирал кон класичните јазици, а вториот го воведувал во античката литература. Од 1955 до 1958 бил гимназиски наставник по латински и словенечки во Птуј; во 1958 докторирал со темата Претставување Хомеровите епови.
Специјализирал во Париз (1960), Хајделберг (1965/6), Женева и Виена (1966). Во 1962 е избран за асистент на групата за класична филологија во Љубљана, во 1967 за доцент, во 1972 за вонреден професор, во 1978 за редовен професор по латински јазик и римска литература, но предавал и грчка литература. Како визитинг професор предавал на универзитетите во Грац, Падова, Павија, Трст, Венеција, Гент, Лувен, Нови Сад, Скопје, Загреб, Инсбрук, Виена, Мајнц, Регенсбург, Хајделберг, Манхајм и др. Со свои прилози зел учество на многубројни домашни и меѓународни конгреси и разни други научни собири во Будимпешта, Рим, Париз, Атина, Солун, Берлин, Асиси, Чивидаде, Палермо, Перуѓа, Сан Северо, Комо, Тренто и други во Словенија и во поранешна Југославија.
Од 1973 е член на Редакцијата на списанието Жива Антика во Скопје; од 1975-1985 е член на Меѓународната комисија за дидактика на класичните јазици (Гент), и член на Редакцијата на списанието Didactica Classica Gandensia; од 1974-80 е претседател на Друштвото за класични и хуманитарни студии на Словенија; од 1980-83 е претседател на Сојузот на друштвата за класични студии на Југославија; од 1983-85 е претседател на Друштвото на словенечките литературни преведувачи; од 1983-88 е член на Комисијата за Словенечкиот правопис при Словенечката академија на науките и уметностите (САЗУ); од 1981-96 е член на Комисијата за словенечкиот превод на Библијата; од 1993-99 е претседател на Комисијата за постдипломски студии по латински јазик.
Од 1984 е редовен член на Academia Latinitati fovendae, Рим; од 1985 е дописен член на Academia Propertiana во Асиси; од 1994 е член на Görres-Gesellschaft zur Pflege der Wissenschaft (Köln) и член на Институтот за културни средноевропски средби (Горица); во 1993 е избран за дописен член, а во 1997 за редовен член на САЗУ, а од 1999 е потпретседател на Академијата. Од 1996 е делегат на САЗУ во Меѓународниот сојуз на академиите (Брисел), од 1996-2000 е делегат на Словенија во Постојаната комисија (Фондацијата) за хуманистични студии (European Science Foundation, Strasbourg).
Во издание на САЗУ проф. К. Гантар има објавено неколку томови на Литерарниот лексикон: Хеленизам (1978); Грнки лирски форми и стихотворни обрасци (1979); Античка поетика (1985); Сту­дии за Хорациј (1993) и преку 300 научни и струнни статии во разни поранешни југословенски, странски и словенечки списанија (преку 50 прилози од нив објавил во Скопје, главно во сп. Ж А и еден во Прилози на Македонската академија на науките и уметностите.
Автор е на 30 книги, седум од нив доживеале по две и три ревидирани изданија. Неговата научна преокупација се проблемите на метричката структура, естетичната анализа и етичната подлога во класичните поетски, литературни и филозофски текстови (посебно: Хомеровата епика, грчките трагедии, Аристотеловата Поетика (во 2005 му е објавено III ревидирано и дополнето издание на Поети­ката) и други дела со етичка содржина. Негова преокупација е и поезијата на Хорациј, и историјата на Прокопиј од Кајсарија, како и проблеми од грчкиот и латинскиот билингвизам.
Неговите научни трудови се цитирани во многубројни стручни монографии.
Во своите студии тој третира клучни прашања на античката поетика особено кај Аристотел и Филодем и одразот на Аристоте­ловата Поетика во подоцнежната европска и посебно словенечка литературна теорија и критика. Прилозите од оваа проблематика тој ги има концизно поврзани во монографијата за Античката поетика. Драгоцени се неговите многубројни прилози во кои го истражува латинското творештво на словенечките интелектуалци и културни работници (како Адам Бохорич, Андреас Дивус, Грегор Долничар и др.), со посебен осврт кон одразот на антиката во словенечката литература, посебно во Fragmenta Freisingensia, Валентин Водник, Б. Копитар, Ф. Прешерн, Отон Жупанчиќ и др. К. Гантар има издадено зборник на прилози од еден научен собир по повод 300-годишнината на соборниот храм во Љубљана, одржан во 1994 год. Toj е автор на голем дел од содржината на зборникот.
К. Гантар добил највисоки оцени и признанија за своите пре­води на словенечки од грчки и латински класици: Избор од Хомеровата Одисеја, Теогонија и Дела и дни од Хесиод, избор од лириката на Сапфо и Пиндар, трагедии од Ајсхил, Софокле и Еврипид, Аристотеловата Поетика и Никомаховата етика, избор од Овидиевите Ме­таморфози и Хорациевите Оди, избор од историските списи на Прокопиј, неколку книги од Библијата (Товит, Јудит, Естер од Стариот завет и Дела апостолски од Новиот завет; поетски фрагменти од Historia Langobardorum од Павле Гакон, итн. Toj ги осовремени и преиздаде со воведни студии преводите од неговиот проф. Антон Совре: Паралелни биографии од Плутарх, Дневникот на императорот Марко Аврелиј и Исповедите на Блажени Августин.
Во 1969 год. проф. Гантар ja добил Наградата А. Совре за преводот на римските лирици, во 1972 – Прешерновата награда за преводот на Плаутовите комедии и др.
Со залагањето на К. Гантар воспоставени се тесни врски меѓу словенечките и македонските класични филолози. На негова покана како шеф на Катедрата за класична филологија на Љубљанскиот универзитет, неколку наши професори држеле предавања на Филозофскиот факултет во Љубљана, а и тој, во својство на визитинг професор, држел предавања во Институтот за класични студии, на Скопскиот универзитет и едно во МАНУ. Неколку пати пишувал за проф. Петрушевски и за неговиот превод на Аристотеловата По­етика, како и за препевот на Хомеровата Илијада. На негова иницијатива е објавен со негов опширен предговор на латински, како по­себно издание на Ж А бр. 8 во 1989 и еден зборник на латински стихови со околу 200 наслови на препеви и оригинални состави на ла­тински од словенечкиот латинист Силво Коприва. Овде се објавени препеви на неколку македонски народни песни и една од Бл. Конески, како и две оригинални, опширни поеми, по една за Охрид и Скопје. За заслугите околу издавањето на сп. Жива Антика во 1995 год. Редакцијата му го посвети 45-то годиште – Serturn Gantarianum, по повод 65-годишнината од неговиот живот.
Избран е за член на МАНУ надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука.