Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 8 декември (вторник) 2020 година, во 90. година од животот, почина проф. арх. Георги Константиновски, почесен член на МАНУ.

Проф. Георги Константиновски е роден на 29 јули 1930 во Крагуевац, Србија. Основно и средно образование завршил во Битола и во Берковица, дипломирал на Архитектонскиот факултет во Скопје, а магистрирал на Универзитетот Јејл во САД. Се вработил во Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје, а потоа работел во Белград и во Њујорк. Работел на проекти за приморска станбена населба и урбанистички проекти за кибуци во Хаифа, Израел, на урбанистичките проекти за населбите Жданец и Чаир во Скопје, извршувал архитектонска практика на полето на станбената архитектура во бирото „Пројекат“ и работел во областа административни објекти во Њујорк, САД.

Научната кариера ја започнал во 1958 година како асистент, а подоцна како редовен професор по предметот Проектирање на станбени и угостителски објекти на Отсекот за архитектура на Техничкиот факултет во Скопје, каде што бил ментор на магистранди и докторанди, како и на стотици студенти-дипломци. Проф. Константиновски бил раководител на Институтот за проектирање на Архитектонскиот факултет, а во периодот 1987 – 1988 година бил и декан на Факултетот, каде што ја завршил својат професионална кариера во 1995 година.

Проф. Константиновски бил претседател на Советот за урбанизам на Град Скопје, а бил член и на Архитектонската академија при Сојузот на архитектите на Македонија.

Проф. Константиновски одржал повеќе предавања за великаните на современата светска архитектура пред архитектите во Скопје, како и за современата архитектура во Македонија на неколку факултети во странство. Во областа на научноистражувачката дејност го издал третиот том од книгата „Градителите во Македонија на ХХ век“ и објавил неколку научни трудови, како и двотомното дело „Градителите во Македонија XVIII – XX век“, а за неговото творештво се објавени над сто статии во стручни списанија и во дневниот печат. Во својот работен век изработил повеќе од 390 проекти и студии, меѓу кои позначајни и препознатливи се Архив на Град Скопје, Студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, Спомен-дом на Разловечкото востание во с. Разловци, Делчевско, и Меморијален музеј АСНОМ во Пелинце. Учествувал на 38 конкурси на кои освоил повеќе први, втори и трети награди на македонско и на југословенско ниво, а изработил и 40 студии. За својата работа е добитник на повеќе награди, меѓу кои: Борбина плакета за Архивот на Град Скопје, Студентскиот дом „Гоце Делчев“ и Спомен-домот на Разловечкото востание; националната награда „11 Октомври“; Големата награда на БИМАС за Спомен-дом на Разловечкото востание, Палата „Унија“ во Скопје и Меморијален музеј на АСНОМ; Орден на трудот со златен венец; и наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело.

Во 2015 година, проф. Георги Константиновски беше избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Погребот на проф. Георги Константиновски беше извршен на 11 декември (петок) 2020 година на гробиштата во Бардовци.