Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 21 декември (сабота) 2019 година, во 101. година од животот, почина акад. Ѓорѓи Филиповски, редовен член на МАНУ од првиот работен состав.
Акад. Ѓорѓи Филиповски е роден на 6 мај 1919 година во селото Сорович, Леринско. Гимназиското образование го завршил во Битола. Студирал на Земјоделско-шумарскиот факултет во Белград, а студиите ги завршил на Земјоделско-шумарскиот факултет во Софија, во 1942 година, каде што како првенец во генерацијата, по дипломирањето, е избран за асистент. Во 1944 година, се враќа во Македонија и се вклучува во НОБ. По ослободувањето, доаѓа на Земјоделско-испитателниот институт во Скопје каде што го формира Педолошко-агрохемиското одделение. Потоа е избран за наставник на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, каде што со голем ентузијазам се ангажира во организирањето на наставата и научноистражувачката работа од областите педологија и агрохемија. Бил декан на матичниот факултет (1955 – 1956), а во периодот 1963 – 1965 година бил и ректор на Скопскиот универзитет. Како експерт на ФАО, престојувал во поголем број земји на Југоисточна Европа, а како југословенски екперт за солени почви, непосредно по изградбата на Асуанската брана, престојувал и работел во Египет. Бил визитинг-професор во Калифорнија, професор на постдипломски студии на универзитетите во Белград, Италија и Крит (Грција). Почесен доктор е на Универзитетот во Братфорд, Англија. За редовен член на МАНУ е избран во 1967 година. Тој е првиот научен секретар на МАНУ и нејзин потпретседател во два мандата.
Ѓорѓи Филиповски е пионер и основоположник на научната дисциплина педологија во Република Македонија. Работејќи посветено, систематски и долги години на истражување на почвите на Македонија, тој напиша повеќе од 20 монографии од оваа област, од што подоцна ќе произлезе неговото капитално дело „Почвите во Македонија“ во обем од околу 2.400 страници. Пред 10 години, акад. Ѓорѓи Филиповски, со неговите соработници, го остварува својот научен сон, изработувајќи 63 почвени карти и 11 студии за почвите во Република Македонија. Како експерт на ФАО, член на Комисијата на ФАО за изработка на педолошка карта на Европа, реномиран универзитетски професор и врвен истражувач, престојувал и работел во голем број земји и на познати универзитети во светот. Ваквите референции го сместуваат акад. Ѓорѓи Филиповски во светската педолошка елита.
Како универзитетски професор од својата 28. година, декан на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје, ректор на Скопскиот универзитет и редовен член на МАНУ од нејзиното основање, акад. Филиповски даде огромен придонес за развојот на образованието, посебно на високото образование, научноистражувачката дејност и научните институции во Република Македонија.
Акад. Филиповски беше член на МАНУ од првиот работен состав на Академијата и нејзин прв научен секретар. До крајот на својот долг и творечки живот, тој со огромна посветеност работеше на развојот на Македонската академија на науките и уметностите и на понатамошното зацврстување на нејзината независност и репутација, како највисока научна и уметничка институција во нашата земја.
По повод смртта на акад. Ѓорѓи Филиповски, Македонската академија на науките и уметностите, Факултетот за земјоделски науки и храна и Факултетот за шумарски науки, пејзажно дизајнирање и екоинженеринг „Ханс Ем“ ќе одржат заедничка Комеморативна седница во Свечената сала на МАНУ, на 23 декември (понеделник) 2019 година, со почеток во 11 часот.
Посмртните останки на акад. Ѓорѓи Филиповски ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта „Бутел“, од 13 до 14 часот. Погребот ќе се изврши во 14 часот.