Македонската академија на науките и уметностите со жалење ја известува јавноста дека на 31 декември (вторник) 2019 година, во 81. година од животот, почина акад. Ратко Јанев, редовен член на МАНУ.
Акад. Ратко K. Јанев е роден во 1939 година во Сандански, Бугарија. Акад. Јанев дипломирал на Електротехничкиот факултет во Белград (1963), специјализирал на Државниот универзитет во Ленинград (1966/67), а докторирал на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Белград на тема „Процеси на електронскиот зафат во бавните атомски судири“ (1968).
Тој се вработил во Институтот за нуклеарни науки „Борис Кидрич“ во Винча (1965), а продолжил со работа на Институтот за физика во Белград (1987). Предавал на ПМФ во Белград и на ПМФ во Скопје (1970 – 1973), бил професор и на повеќе универзитети во Европа, Америка, Јапонија и во Кина, а соработувал со врвни светски истражувачки институции. Тој, исто така, раководел со прогамата на Меѓународната агенција за атомска енергија (Виена) за истражувањата во контролираната термонуклеарна фузија (1988 – 1999).
Неговата научна дејност е насочена кон општите и методолошките проблеми на квантната теорија на меѓучестичните заемни дејствувања, теоријата на заемнодејствата и судирните процеси меѓу атомските честици, кинетичките и транспортните процеси во јонизираните средини, физиката на судирните процеси меѓу атомските честици и површината на цврстите тела, физиката на гасните ласери и физиката на контролираната термојадрена фузија. Тој придонел во развојот на асимптотската теорија на изменските заемнодејства меѓу атомските честици и меѓу атомските честици и цврстите површини, и квантната динамика на судирните процеси на многукратно наелектризираните јони со атомските честици. Неговиот научен интерес е насочен и кон атомските и молекуларните процеси во раната фаза на еволуцијата на вселената и галаксиите и кон процесите во компактните астрофизички објекти. Акад. Јанев објавил над 300 научни трудови, а автор или коавтор е на 7 монографии и 27 ревијални статии.
Акад. Ратко Јанев беше член на Советот за електронски и атомски судири на Европското физичко општество (1993 – 1997), како и на научни комитети на бројни меѓународни конференции. Тој ја иницирал (со проф. А. Далгарно) Меѓународната конференција за атомски и молекуларни податоци и нивната примена (1998). Добил Homage oд Слободниот универзитет на Брисел (1979). Беше член на Joint Institute for Laboratory Astrophysics, Боулдер, САД (од 1982).
Добитник е на престижната Хумболтова награда за истражувања во контролираната термонуклеарна фузија (2004).
За член на МАНУ надвор од работниот состав е избран на 7 октомври 1988 година, а за редовен член е избран на 16 октомври 2000 година.
Посмртните останки на акад. Ратко Јанев ќе бидат изложени на 3 јануари (петок) 2020 година во капелата на Новобежаниските гробишта во Белград од 13,30 часот, а погребот ќе се изврши во 14,15 часот.
По повод смртта на акад. Ратко Јанев, во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи Комеморативна седница на 14 јануари 2020 година, во 12 часот.