Лексикографски центар

Лексикографскиот центар, како научна единица во Академијата, е основан на 28 септември 2000 година.

Центарот се занимава со подготвување и издавање на  енциклопедиски, библиографски, терминолошки и други лексикографски изданија, како и оформување на база на податоци за македонската култура и уметност.

Во рамките на Центарот досега се реализирани бројни проекти кои се однесуваат на откривањето, истражувањето и систематизирањето на одделни делови од македонската култура и уметност. Во Центарот е подготвена и објавена Македонската енциклопедија (во 2 тома), која ја претставува историската и современата целина на македонската цивилизација.

Во Центарот се работи врз два долгорочни научно-истражувачки проекти од фундаментално значење. Првиот е подготовката на Македонската научна и стручна терминологија, чијашто крајна цел е подготовка на конечни лексикографски изданија од работните терминолошки материјали поместени во Билтенот Македонска терминологија, од кој досега се објавени 113 броја. Вториот е работата врз макропроектот Историја на културата на Македонија кој ја проследува севкупната материјална и духовна култура на почвата на Македонија од праисторијата до денес. Резултатите од истражувањата досега се објавени во 23 книги.

Во Лексикографскиот центар, покрај големиот број надворешни соработници, постојано се ангажирани еден асистент-истражувач, еден помлад асистент-истражувач и еден технички секретар.