Мисија

Vlado Kambovski

 

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е основана со Закон донесен на 22 февруари 1967 година од Собранието на Р. Македонија. Академијата е формирана како врвна научна и уметничка установа во нашата држава, која го следи и поттикнува развојот на науките и уметностите и се залага за нивно унапредување. Академијата ги разгледува состојбите во областа на културното наследство и природното богатство, соработува во утврдувањето на националната политика во науките и уметностите, поттикнува, координира, организира и врши научни истражувања и уметнички остварувања, а посебно оние што се од исклучително значење за Македонија.Таа обезбедува услови за научна работа и уметничко творештво на своите членови, се залага за примена на современите методи, научните знаења и резултатите во научните истражувања; воспоставува, одржува и развива меѓународна соработка во областа на науките и уметностите.

Своите задачи Академијата, како врвна самостојна научна и уметничка установа, ги реализира со организирање фундаментални, развојни и применети истражувања, посебно со комплексни и мултидисциплинарни истражувања; организирање научни собири и уметнички презентации и објавување на резултатите од научните истражувања и собири, како и од уметничките истражувања. Академијата соработува со универзитетите, научните и културните установи, друштвата за наука и уметност и со други организации од областа на науките и уметностите во Републиката, со академии и со други научни и уметнички институции од странство.

Во поновата македонска реалност, по конституирањето на македонската држава на Првото Антифашистико Собрание на Народното Ослободување на Македонија (АСНОМ) во 1944 година, 1967 се смета за година на официјално основање на МАНУ. Во 2012, Академијата го одбележува својот четриесет и петгодишен јубилеј.

Измината е долга и значајна етапа од развојот на Академијата. Но, како и се’ друго кое постои толку време, и самата таа е соочена со огромен број предизвици кои ги носи новото време.

Ако се’ само во времето добива трајна смисла, ако само времето трајно не’ осмислува, на науката и уметноста е да го осмислат времето оставајќи свои траги во него.

Vlado Kambovski