Истражувачки центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Ефремов“

Веб страницата на Центарот е достапна тука.
 
Прилозите кои Центарот ги објавува се достапни тука.
 

Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија (ИЦГИБ) е основан во 1986 година како научна единица при Македонската академија на науките и уметностите. Основач и долгогодишен директор и главен двигател на активностите во ИЦГИБ беше академик Георги Д. Ефремов, a по неговата смрт во мај 2011 година, Центарот се преименува во Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“.

Основна цел на ИЦГИБ е унапредување на научните сознанија во полето на протеинската хемија, молекуларната биологија, генетското инженерство и биотехнологијата, преку научни истражувања, едукативно-практични курсеви за млади научни кадри и постдипломски студии.

ИЦГИБ дејствува како национален референтен центар за истражување, едукација и апликација на нови технологии во областа на биомедицинските и биомолекуларните науки. ИЦГИБ е најголемата и најзначајната институција во нашата држава во полето на молекуларната генетика која има стекнато широка меѓународна препознатливост.

Од самото формирање Центарот е опремен со модерна и софистицирана научноистражувачка опрема. Во последните три години во рамките на проектот „Национален референтен центар за геномика и протеомика“, финансиран од Европската комисија и иницијативата на Владата на Р. Македонија за осовременување на истражувачките лаборатории набавена е најсовремена опрема за врвни истражувања во областа на геномика и протеомика.

Кадарот на ИЦГИБ се состои од научни и административно-технички работници. Научноистражувачкиот кадар вклучува 4 научни работници, 6 истражувачи вработени во рамките на инфраструктурниот проект од Европската комисија, двајца млади соработници кои се вклучени во апликативната дејност на Центарот и три административнотехнички работници.

Во ИЦГИБ постојано престојуваат истражувачи во рамките на турнусот за специјализација по медицинска генетика, постдипломци и докторанти кои изработуваат делови од своите тези во ИЦГИБ, дипломирани студенти-волонтери како и додипломци од Институтот за биологија кои обавуваат пракса во текот на летните месеци.

Во текот на изминатите 25 години во ИЦГИБ се реализирани повеќе од 30 научноистражувачки проекти, од кои најголемиот дел од областа на молекуларната медицина, како што се молекуларната карактеризација на најчестите моногенски наследни болести во Македонија и соседните земји, молекуларната епидемиологија на инфективните болести, молекуларните основи на најчестите малигни болести и ДНК маркери во хуманата идентификација. Во ИЦГИБ се работени и проекти од други области како што се генетските испитувања на охридската пастрмка, изолација и продукција на Taq полимераза, молекуларна идентификација на соеви тутун, идентификација на бактериолошки соеви во пештерата Врело итн.

Во тек се следниве проекти и програми:

• Изучување на молекуларните дефекти на бројни моногенски болести (хемоглобинопатии, цистична фиброза, мускулна дистрофија, хемофилија А, спинална мускулна атрофија, Huntington-ова болест, фрагилен X синдром, наследна глувост, Friedrichs-ова атаксија, хемохроматоза, цистинурија, фенилкетонурија, галак тоземија, Rett синдром, Darier’s синдром, ахондроплазија итн.);

• Генетика на инфертилитет;

• Молекуларни основи на малигните болести (карцином на дојка, простата, тестиси, грло на матка, бели дробови итн.);

• Брзи и неинвазивни методи за пренатална дијагноза;

• Изучување на ДНК маркерите кај популацијата на Р. Македонија и апликација во судската медицина и криминалистика;

• Изучување на инфективните болести (Human Papilloma Virus кај жените со цервикални промени, хепатитис Б и Ц вирусна инфекција и нејзината улога во етиологијата на хроничната хепатална болест и хепатоцелуларниот карцином)

Во изминатите 25 години, како резултат на научноистражувачката работа во Центарот се објавени повеќе од 150 научни трудови, од кои повеќето во меѓународни научни списанија. Резултатите од научната работа на ИЦГИБ се презентирани и со повеќе од 200 постери или усни излагања на меѓународни и национални научни собири.
 
Од 2001 година ИЦГИБ – МАНУ го подготвува и издава меѓународното научно списание Balkan Journal of Medical Genetics.
 
ИЦГИБ е прва институција во Република Македонија која почна да ги користи техниките на рекомбнантната ДНК технологија во дијагностиката и превенцијата на наследните, малигните и инфективните болести како и во судската медицина.
 
Покрај истражувањето и апликативните дејности, една од основните цели на ИЦГИБ е едукација на млади научници преку истражувања. Во изминатите 25 години бројни млади научни кадри се едуцирани во ИЦГИБ во областа на молекуларната биологија и техниките на генетското инженерство и биотехнологијата.
 
ИЦГИБ соработува со бројни институции од Република Македонија, медицински институции од соседните земји, како и со повеќе научни институции од различни eвропски и светски земји. Соработката со овие институции вклучува соработка на заеднички научно истражувачки проекти, специјализација и обука на научни кадри, поканети предавачи како и размена на литература.