Датум на раѓање:
30 мај 1922
Место на раѓање:
Крушево
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1991
Институции:
Област на работа:

Биографија

Александар Матковски (Крушево, 30 мај 1922 – Скопје, 15 април 1992) — прв доктор на историски науки од Македонија и прв историчар-ориенталист. Подолго време (до 1936 година) живеел во Гостивар, а потоа се преселил во Скопје. Како член на КПЈ и учесник во НОБ (од 1941 година), бил уапсен на 2.VI.1942 и како малолетник бил осуден на 10 години строг затвор, а казната ја издржувал во Скопје, Варна и Идризово (Скопско, до 29.VII.1944). По бегството од затворот се вклучил во Петтата македонска НО бригада на НОВ и ПОМ. Во затворските денови напишал многу песни на македонски јазик, зачувани во архивот на МАНУ, дел од нив и објавени по ослободувањето. Завршил учителска школа 1947 година во Скопје, виша педагошка школа во 1949 во Белград, филозофски факултет (историска група) во 1951 година во Скопје, докторска дисертација на тема „Ѓурчин Кокалески (1775-1863)“ одбранил во 1957 година на загрепскиот Филозофски факултет, завршил и филолошки факултет (група ориентална филологија) во 1961 година во Белград. Добитник е на повеќе награди и признанија. Додека се школувал, бил вработен како учител и професор во разни осумгодишни и средни училишта (до крајот на 1954), а потоа ја почнал научната кариера (1.I.1954) и ја заокружил со изборот за научен советник во ИНИ (19.II.1971 – до пензионирањето во 1987) и за дописен (1986) и редовен (7.V.1991) член во МАНУ. Повеќе години бил на студиски престои во Каиро, Багдад и Истанбул. Покрај со османлискиот период, се занимавал и со други теми од македонското минато, како и со историјата на Евреите во Македонија. Автор е на познатото хералдичко дело „Грбовите на Македонија“.
Починал на 15 април 1992 година.

Библиографија