Датум на раѓање:
24 јануари 1922
Место на раѓање:
Тетово
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1997
Институции:
Област на работа:

Биографија

Блага Алексова е родена во Тетово во 1922 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет на групата Историја на уметноста на Универзитетот во Скопје. Докторската дисертација на тема “Демир Капија и словенските некрополи во Македонија” ја одбранила на Универзитетот во Љубљана во 1958 година. Специјализирала старохристијанска уметност и археологија во Думбаартон Оакс, Институт за византиски студи на Харвардскиот универзитет, Вашингтон, САД (1970, 1971 и 1974 година.

Д-р Блага Алексова работи во Градскиот музеј во Скоје, а потоа во Археолошкиот музеј на Македонија како научен советник и долгогодишен директор и организатор на Музејот. На Филозофскиот факултет во Скопје од 1975 година е вонреден и редовен професор за предметот Старохристијанска и словенска археологија. Како член на посебниот одбор е основач на Институтот за старословенска култура во Прилеп и негов соработник од основањето до својата смрт.

Д-р Блага Алексова од почетокот на своето вработување па се до крајот на својот живот се бавела со научноистражувачка работа од областа на археологијата. Нејзината научна проекција е преку остатоците од архитектурата и останатите материјални траги да укаже на раната христијанизација на Македонија и на земјите на Источен Илирик. Посветена исцело на научно-истражувачката работа на теренот, низ сиот споменат период, таа испишува страници од историјата, посебно инсистирајќи на неговото духовно, културно и уметничко минато. Во доменот на нејзиниот интерес се бројни теми, за кои нејзините сознанија стануваат клучни за разгатнувањето и следењето на развојните патишта, влијанијата и модификациите под притисоците на локалната традиција, посебно на планот на духовната преобразба, дострелите во културното градежништво, во образованието и сл.

Под раководство на д-р Блага Алексова се изведени археолошки истражувања на повеќе локалитети во Македонија, од кои некои прераснуваат во меѓународни истражувачки проекти.

Во Демир Капија е откриен старохристијански комплекс со цеметрална базилика од 4-5 век и словенска црква од 9-10 век со голема некропола. Откривањата укажуваат на интензивна и рана христијанизација на Словените во Македонија, за време на дејноста на Климент.

На Брегалница го убицира античкиот и старохристијанскиот град Баргала, Епископски центар и жариште за христијанизација на териториите источно од Вардар. Овие истражувања прераснуваат во меѓународен научноистражувачки проект помеѓу Југославија и САД.

Крај Крупиште на Брегалница авторот го открива Катедралниот храм на 15 Тивериополски маченици од Струмица. Изградбата на храмот е во организација на св. Климент. Овде е формиран првиот црковен и културен центар – Епископијата на Брегалница.

Во Стоби д-р Алексова била со-директор со J. Wiseman на меѓународниот истражувачки проект од 1975-1980 година. Од 1981-1997 година раководела со истражувањата на Епископскиот комплекс, западно од Театарот. Овде за прв пат ја открива првата христијанска куќа oikos ekklesias врз која е изградена првата базилика во Стоби.

Д-р Блага Алексова била член на повеќе проекти, меѓу кои на “Археолошката карта на Југославија”, “Археолошката карта на Македонија” и “Строхристијански словенски центри во Македонија”.

Со откривањето на врежаните со остар предмет глаголски и кирилски букви врз камени блокови и плочи, при истражувањето на археолошкиот локалитет Крупиште и Баргала во долината на Брегалница, без сомнение се испишани нови страници од посебно значење за проучување на појавата и историскиот развој на писменоста и образованието не само на македонскиот народ во тој период туку и за другите словенски народи, односно за севкупната словенска културна историја.

Д-р Блага Алексова научните резултати од своите археолошки откривања ги објавувала во повеќе свои студии и монографски изданија и ги презентира на меѓународни конгреси и симпозиуми во Европа и на повеќе универзитети во САД.

Автор е на повеќе трудови печатени во земјата и странство, и тоа: студија “Демир Капија и словенските некрополи во Македонија”, потоа многу значајното дело “Епископијата на Брегалница”, како и монографијата ” Loca sanctorum Macedoniae “, објавена на македонски и англиски јазик.

Д-р Блага Алексова е добитник на одликувањето Орден на трудот со златен венец (1966) потоа на наградите “11 Октомври” (1970), “Гоце Делчев (1990), “8 Ноември” Штип (1993) и носител е на повеќе благодарници и плакети.

Резултатите од нејзините повеќегодишни истражувања не останаа непознати за странската научна јавност, како и за специјализираните странски научни институти и високообразовни центри. Ценејќи ги нејзините научни сознанија и дострели тие нудеа и остваруваа соработка, при што во д-р Алексова гледаа врвен познавач на материјата и научник со широк спектар на реални знаења и можности.

Како логична последица од научните достигнувања д-р Алексова е член во Археолошкиот институт на Америка; член во Alumni Вашингтон, САД, номинација во Maquis Who’s Who in the World и номинацијата International Biographical Centre Cambridge IBC, England

Починала на 12 јули 2007 година.