Датум на раѓање:
Место на раѓање:
Членство во МАНУ:
Институции:
Област на работа:

Биографија

Влоѓимјеж Пјанка е роден на 8 август 1937 година во Воломин крај Варшава, Полска. Студирал словенска филологија со бохемистичка специјализација на Филолошкиот факултет на Варшавскиот универзитет под раководство на познатиот славист З. Штибер. Дипломирал во 1959 година врз основа на дипломската работа од историјата на глаголскиот систем на лужичкиот јазик. При Филозофскиот факултет во Скопје, во 1959 год. се отвори лекторат по полски јазик и Пјанка бил избран како прв полски лектор. Во Скопје поминал девет години. Во 1966 година ја одбранил докторската, а во 1974 година хабилитационата дисертација. По враќањето во Полска работи во Институтот за словенска филологија на Варшавскиот а подоцна и на Шлонскиот универзитет. Еден семестар е визитинг професор по славистика на Универзитетот во Хелсинки. Од 1982 година работи како доцент-гостин, а од 1985 по нострификацијата работи како „австриски” доцент во Институтот за славистика на Виенскиот универзитет.
Д-р Пјанка покажува научен интерес за повеќе области на лингвистичката и славистичката наука. Неговиот докторски и хабилитационен труд претставуваат формална и семантичка обработка и теоретска интерпретација на македонскиот ономастичен и антропонимичен материјал. Тие се трудовите: „Macedonskie imiona osobowe kotliny Azot и „Топономастика на Охридско-преспанскиот базен“, како посебно издание (бр. 7) на „Институтот за македонски јазик Крсте Мисирков”.
Во областа на конфронтативната и споредбената граматика на словенските јазици д-р Пјанка е автор на околу 40 студии во кои се занимава со одделни проблеми на словенската фонологија, зборообразување и синтакса. Тринаесет од тие студии се посветени на македонската проблематика. Посебно внимание заслужуваат серијата расправи посветени на степенувањето на придавките и прилозите. Делото „Конфронтативна граматика на словенските јазици со историски коментари”, том 1, (во печат) ги собира сите досегашни постигнувања на авторот во широката област на конфронтативната и споредбената словенска граматика, а македонскиот јазичен материјал зазема во него видно место.
Во областа на лексикографијата значајно дело претставува „Македонско-полски и полско-македонски речник” чиј коавтор е д-р Пјанка заедно со акад. Божидар Видоески и акад. Зузана Тополињска.
Од своето заминување од Скоије во 1967 година, во текот на изминатите 30 години бурен живот д-р Пјанка никогаш не ги прекинал врските со македонската лингвистичка и славистичка средина. Тој е чест и активен учесник на Охридските семинари, соработник на македонските стручни списанија и воопшто – доколку тоа го дозволуваат другите обврски – чест гостин во Македонија.
Како професор по македонски јазик на Варшавскиот, Шлонскиот и Виенскиот универзитет, како автор на бројни трудови од областа на македонистиката и како ментор на млади македонисти д-р Пјанка многу придонесе за афирмација на македонскиот јазик.