Датум на раѓање:
8 декември 1932
Место на раѓање:
Кратово
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1983
Институции:
Земјоделскиот факултет во Скопје; Медицинскиот факултет во Аугуста, Џорџија, САД; Клиниката за детски болести на Медицинскиот факултет во Скопје; министер за наука во првата Влада на РМ, претседател на МАНУ и амбасадор на Република Македонија во Народна Република Кина.
Област на работа:
Физиологија, Биохемија, Генетско инженерство

Биографија

Академик Георги Ефремов е роден во Кратово на 8 декември 1932 година. Во 1956 година дипломирал на Ветеринарниот факултет во Загреб. По дипломирањето е избран за асистент на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје. Во 1963 година докторирал на Ветеринарниот факултет во Белград. Постдокторските студии ги остварува на Клиниката за интерна медицина при Ветеринарниот факултет во Осло, Норвешка, и на Институтот за биохемија при Медицинскиот факултет во Аугуста, Џорџија, САД.

Во 1967 година е избран за доцент по биохемија на Земјоделскиот факултет во Скопје, во 1973 година за вонреден професор и во 1980 година за редовен професор. Во 1995 година е избран и за редовен професор по физиологија на Земјоделскиот факултет во Скопје. Од 1978 до 1979 година е редовен професор по биохемија на Медицинскиот факултет во Аугуста, Џорџија, САД, и помошник директор на Центарот за анемија на српестите клетки при Факултетот. Од 1965 до 1980 година е научен консултант при Клиниката за детски болести на Медицинскиот факултет во Скопје.

За дописен член на МАНУ е избран во 1979, а за редовен член во 1983 година. Академик Ефремов е иницијатор, основач и раководител на Истражувачкиот центар за генетско инженерство и биотехнологија при МАНУ од 1987 година. Основач е и раководител и на Националната, а потоа на Меѓународната референтна лабораторија за хемоглобинопатии.

Бил министер за наука во првата Влада на РМ, претседател на МАНУ и амбасадор на Република Македонија во Народна Република Кина.

Потоа е редовен професор на Интердисциплинарните постдипломски студии по молекуларна биологија и генетско инженерство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Бил визитинг-професор на повеќе универзитети во САД, Куба, Либија и во Кувајт. Држел настава на постдипломски студии по молекуларна биологија и хематологија на универзитетите во Скопје, Белград, Нови Сад и во Загреб. Во неговата лабораторија на студиски престои, специјализација, усовршување или изработка на магистерски и докторски трудови престојувале повеќе од 70 стручни и научни работници од Македонија и од странство.

Раководел со 30-тина научноистражувачки проекти финансирани, главно, од странски владини институции. По покана одржал бројни воведни предавања на меѓународни и национални собири. Организирал повеќе од десет меѓународни научни собири. Автор е на повеќе од 500 научни трудови, од кои повеќе од 280 се објавени во меѓународни научни списанија и е најмногу цитиран научник од РМ.

Академик Ефремов беше член на Њујоршката академија на науките, на Бугарската академија за медицински науки, на Европската академија на науките и уметностите, на Светската академија на науките и уметностите, на Медитеранската академија на науките и уметностите, на Американското друштво за унапредување на науките, на Федерацијата на Европските биохемиски друштва, на Меѓународното друштво за хематологија, на Американското друштво за хематологија, на Меѓународното друштво за судска медицина, на Американското друштво за клиничка биохемија и член на Македонското лекарско друштво. Го уредуваше меѓународното списание Balkan Journal of Medical Genetics, а беше и помошник главен уредник на меѓународното списание „Хемоглобин“ и член на уредувачки одбор на повеќе други меѓународни научни списанија.

Починал на 6 мај 2011 година.