• Email

    a.bexheti@seeu.edu.mk

Датум на раѓање:
02.07.1959
Место на раѓање:
Мала Речица
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово
Област на работа:
Макроекономија - јавни финансии

Биографија

Акад. Абдулменаф Беџети е роден на 2 јули 1959 година во Мала Речица – Тетово, каде завршува основно училиште и гимназија. Во 1982 година дипломира на Економскиот факултет во Приштина. Професионалната кариера ја започнува во ТПТ „Техно-Промет“ Тетово во 1983 година каде што работел до 1987 година. Во 1987 година преминува во тогашната СОК – Филијала Тетово каде што работи како финансиски инспектор, а една година потоа е унапреден во виш инспектор на СОК на Република Македонија. На работното место останува до март 1994 година кога со одлука на Владата на Република Македонија е именуван за заменик директор на Управата за јавни приходи, а од мај 1995 до февруари 1996 година е вршител на должноста директор на УЈП на РМ. Во 1996 година е избран за министер за развој во Владата на Република Македонија а во мај 1997 година за министер за сообраќај и врски, функција на која останува до крајот на 1998 година.
Во 1996 година се запишува на постдипломски студии на Економскиот Факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје каде магистрира во 1999 година, под менторство на акад. Ксенте Богоев на тема: ,,Структурата на јавната потрошувачка во Република Македонија и можностите за рационализација“. Докторирал во 2002 година на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, под менторство на проф. д-р. Живко Атанасовски на тема: ,,Јавните расходи во современите држави и во Република Македонија – аспекти на рационализација и оптимализација“.
Од основањето на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово, во 2001 година, работи како предавач на Факултетот за бизнис администрација и за јавна администрација по предметите: основи и принципите на менаџмент и основи и финансиско сметководство. Во 2002 година е избран за доцент по предметите макроекономија и јавни финансии. Во 2002 година Бордот на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово го именува за декан на Факултетот за бизнис администрација, а во почетокот на академската 2004/05 година е именуван за проректор на Факултетот за Југоисточна Европа задолжен за финансии и развој на Универзитетот, која функција ја извршува до август 2012 година, кога се именува за член на Бордот на ЈИЕУ, функција која и денеска ја извршува. Покрај редовната настава на додипломските, постдипломските и докторските студии, како и научноистражувачките активности во областа на социо-економските односи. Во 2004 година, во рамките на меѓууниверзитетската соработка, учествува во двомесечна програма за доедукација во студиските програми на постдипломските студии и научноистражувачката дејност во САД на Универзитетот во Индијана – Индијанополис, на Факултетот за бизнис менаџмент (Kelley Business School). Во ноември 2005 година е избран за вонреден професор на Универзитетот за Југоисточна Европа – Тетово во областа макроекономијата и јавните финансии.
Во почетокот на 2010 година е избран за редовен професор во областа на макроекономијата – јавни финансии, врз основа на рецензија од Комисија во чиј состав се проф. д-р Heinz Dieter Wenzel, редовен професор на Универзитет Бамберг – СР Германија, претседател, акад. Таки Фити, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и проф. д-р Суло Хадери, редовен професор на Економскиот Факултет на Универзитетот во Тирана.
Истовремено акад. Абдулменаф Беџети бил член на многу меѓународни и регионални иницијативи и организации (SECI, PS, и др.) како и на многу стручни и други асоцијации во земјата (Сојузот на финансиски и книговодствени работници на Република Македонија, Сојузот на економисти на Република Македонија, на Здружението на економистите од Тетово и на др.). Бил и сé уште е член на надзорни и управни одбори на многу реномирани организации во регионот помеѓу кои и член на одбор за ревизија и на Управен Одбор на НЛБ банка во Скопје и Приштина истовремено. Акад. Абдулменаф Беџети има објавено две книги, два универзитетски учебника, над 100 научни трудови, а во последнава деценија и повеќе од 200 анализи, колумни и мислења во средствата за јавно информирање во Република Македонија.
Во 2012 година е избран за член на Албанската академија на уметностите и науките.
За член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.