• Телефон

    +389 44 356 110

  • Email

    a.abazi@seeu.edu.mk

Датум на раѓање:
01.11.1942
Место на раѓање:
Тетово
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2006
Институции:
Универзитетот на Југоисточна Европа; осовската академија на науките и уметностите
Област на работа:
Електротехнички науки

Биографија

Академик Алајдин Абази е роден на 1 ноември 1942 година во Тетово. Во 1965 година дипломирал на Електротехничкиот факултет во Загреб. Како дипломиран електроинжењер се вработува прво во “XEK Југохром” а потоа во “Електростопанство на Македонија” (1965-1969).
Во 1969 година е избран за асистент на Техничкиот факултет во Приштина. Во 1970 продолжува со постдипломски студии на Електротехничкиот факултет во Загреб и во 1973 година магистрира на тема ,,Novi izolacioni materijali i njihova uloga u elektrotehnici“. Во текот на академската 1974/75 година престојува во Велика Британија, на Универзитетот на Северен Велс, Бангор, како визитинг-истражувач. Докторира во 1977 година на Електротехничкиот факултет во Загреб   на тема “Storiranje i neutraliziranje elektrostatičkog naboja u tankim izolacionim filmovima”. Во период од 1979–1981 година бил декан на Техничкиот факултет во Приштина. Во текот на 1981 година, како визитинг-професор престојува во НР Кина, на Академијата на науките, каде што држи предавања во подрачјето на Теорија на електромагнетско поле. Потоа во академската 1981/82 година престојува во САД, како визитинг-професор на Универзитетот Вест Вирџинија, на катедрата за физика и електротехника (Фулбрајтова програма), каде што ги продолжува своите истражувања во областа на апликативна електростатика и електрети. Од 1982–1990 година, паралелно со својата работа на универзитетот, е назначен за претседател на Одборот на институтот „Инкос“, за научноистражувачка работа на „Електростопанство на Косово“ и за потпретседател на Одборот за научноистражувачка соработка YU-USA, како и за член на Одборот за развој на ,,Електростопанство на Југославија“. Во 1985 год. е избран за редовен професор за предметот „Електромагнетика” на Електротехничкиот факултет во Приштина.
Академик Алајдин Абази е еден од основачите на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, кој претставува нов модел на високообразовна институција во Република Македонија и во регионот. Во 2001 година е именуван за директор на Фондацијата на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, потоа и за Ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ). Во 2004 година е избран за претседател на Интеруниверзитетската конференција на Република Македонија (ИУКМ).
Како професор и ректор, држи предавања и презнтации на голем број универзитети во Европа (Германија, Австрија, Белгија, Турска, Албанија), во САД и Јапонија.
Академик Абази е автор и коавтор на значаен број на научно истражувачки и стручни трудови (преку 100), универзитетски учебници (Технологија на електротехнички материјали, Електромагнетика…), водел и  соработувал во реализација на бројни регинални и меѓународни проекти. Објавените научни и стручни трудови во регионот и во светот во разни списанија, презентациите на конференции, како и проектите реализирани од 1973 година до крајот на деведесеттите и во почетокот на двеилјадитата година, се од областа на електротехнички материјали, теоретска електротехника и мерења, и од областа на енергетика и  заштита на животната средина. Позначани трудови се:

  • „TSC Spectrum Obtained from Electron Beam Charged PET films”, Buletinul Institutuliu Politehnik Din Iasi,Tomul XXIII(XXVII), Fasc.1-2,1977,
  • „Analytical and Numerical Approach to the Calculation of Field and Potential for Calculable Standard of Capacitance”, Publishing House of the Hungarian Academy of Science (separatum) 1980,
  • „Forces and Torques on Plane and Cylindrical Electrets in Slot Effect Transducers”, American Institute of Physics,54,4076,1983.

Од 2001 година објавувува трудови од областа на високото образование, на енергетика и одржлив развој, теорија на електрична моќност, квалитет на електрична енергија, како и информатичка технологија за одржлив развој. Позначајни трудови се:

  • „SEEU-New Model of Higher Education Institution in the Region”, SEEU Review, Volume 1/No1/ISSN1409-7001, 2005,
  • „Calibration of a Virtual Instrument for Power Quality Monitoring”, RE&PQJ-10 ISSN 2172-038X Renewable Energy & Power Quality Journal, No.10, April 2012,
  • „Квалитет на доставената електична енергија и Европски стандарди”, Прилози, Оделение на технички науки (МАНУ), ISSN 1857-6656, XXXIV, бр.1-2,2014.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година, а за секретар на Оделението за технички науки во 2016 година.
Од 2011 година е член-оснивач на Албанската академија на уметностите и науките а потоа во 2012 година е избран за надворешен член на Академијата на науките и уметностите на Косово.
На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во 2010 година Академик Алајдин Абази е избран за почесен доктор ( doctor honoris causa) и именован за Ректор емеритус.
Академик Алајдин Абази е член на Уредувачкиот одбор на списанието „Прилози“, Оделение на технички науки (МАНУ) Скопје 2015 (ISSN 1857-6656), член на Националната комисија за УНЕСКО на Република Македонија при Владата на РМ од 2015, член на Македонскиот национален комитет на Светскиот совет за енергија (Macedonian National Committee for the World Energy Council) од 2015, член на Одборот на Универзитетот „Хасан Приштина“, Приштина, Косово (Anëtar i Bordit të Universitetit “Hasan Prishtina”, Prishtinë, Kosovë) од 2015 и член (Member) на Уредувачки одбор (Editorial Board) на списанието Academicus: international scientific journal, Vlorë: Academicus shpk Albania (P-ISSN 2079-3715, E-ISSN 2309-1088).
Академик Алајдин Абази е добитник на значаен број на награди и признанија.

Библиографија