• Телефон

    +3892 3130 099

  • Email

    vladok@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
05.01.1948
Место на раѓање:
Битола
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2006
Институции:
Редовен професор на Правниот факултет во Скопје
Област на работа:
Правни науки (казнено право и криминологија)

Биографија

Акад. Владо Камбовски е роден на 5 јануари 1948 година во Битола, каде што го завршил основното и средното образование. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во учебната 1969/70 година, како најдобар дипломиран студент во повеќе генерации. На 15 ноември 1970 година бил примен за приправник-стажант, а на 1 март 1971 година бил избран за асистент на Катедрата за кривично право на Правниот факултет во Скопје.
Во текот на 1971 и 1972 г. бил испратен на практика во Општинскиот и во Окружниот суд во Скопје, а во учебната 1972/73 година се запишал на постдипломските студии по казнено право (насока за научно усовршување) на Правниот факултет во Загреб. Студиите ги завршил со одличен успех и во мај 1975 година ја одбранил магистерската работа на тема: „Доброволно откажување од извршување кривично дело“.
Во 1977 година бил избран за предавач и држел предавања по предметот кривично право на правните факултети во Скопје и Битола, како и на Факултетот за безбедност во Скопје. Во 1980 година на Правниот факултет во Скопје ја одбранил докторската дисертација под наслов: „Проблематиката на пропуштањето во кривичното право“. Истата година бил избран за доцент по предметот кривично право, а потоа и за декан на Факултетот за безбедност, која должност ја вршел се до 1984 година.
Од 1984 до 1986 година бил директор на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Во 1986 година бил избран за потпретседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ, а од 1989 до почетокот на 1992 година бил избран за член на Сојузниот извршен совет и сојузен секретар за правосудство и управа. Од декември 1998 до декември 1999 година ја вршел функцијата министер за правда во Владата на Република Македонија.
За сето време на вршењето на овие должности акад. Камбовски редовно ги извршувал и своите професорски обврски на Правниот факултет во Скопје. За редовен професор на Правниот факултет бил избран во 1992 година, а реизбран во 1999 година.
Покрај  предавањата на редовните студии, акад. Камбовски држи предавања и на постдипломските студии по казнено право и криминологија на Правниот факултет во Скопје, бил и е ментор на повеќе кандидати за одбрана на магистерски тези и докторски дисертации. Раководел или учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти на Правниот факултет, Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и МАНУ. Раководел со мега-проектот на Правниот факултет „Евроинтеграција на општествениот, политичкиот и правниот систем на Република Македонија“. Учествувал со свои реферати на повеќе домашни и меѓународни научни собири. Како професор на Правниот факултет, започнувајќи од 1995 година раководел со работните групи што ги подготвиле: Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за судовите, Законот за спречување на корупцијата, и учествувал во работата врз други закони. Ангажиран бил во повеќе активности на Советот на Европа, посебно како член на експертската група која работи врз статистиката на движењата на криминалот во европските држави.
Бил претседател на Форумот за евроатлантска интеграција на Република Македонија и на Републичкото здружение за казнено право и криминологија.
Основната научна преокупација на акад. Камбовски е казненото право и филозофија на правото. Најзначајните резултати на неговиот научен ангажман е целокупниот систем на казнено-правната наука претставен во неговото капитално дело Казнено право – општ дел, најволуменозен и најсодржаен научен труд во македонската казнено-правна литература. Второто негово значајно дело Казнено право – посебен дел, пак, претставува единствена целосна научна обработка на системот на инкриминациите во македонската казнено-правна литература. Филозофско-правното учење на акад. Камбовски е интегрално изнесено во неговото дело „Филозофија на правото“, објавено во 2010 година како прв и досега единствен филозофско-правен систем кај нас, како и во други статии и реферати на домашни и меѓународни научни собири на филозофско-правни теми.
Покрај овие значајни дела, издал и околу 40 книги, објавил повеќе од 350 научни трудови, а и учествувал со реферати на повеќе од 40 собири во Македонија и во странство. Автор е на неколку учебници од областа на кривичното право, објавени на повеќе јазици.
За странски член на Aкадемијата на науките и уметностите na Република Српска, Бања Лука (Босна и Херцеговина) е избран во 2013 година. Во 2012 година е избран за член на Европската академија на науките во Салцбург и за член на Светската академија на уметност и наука во САД, а за странски член на Бугарската академија на науките е избран во 2015 година.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2006 година. Во периодот од 2008 до 2011 година бил потпретседател, а во периодот од 2012 до 2015 година бил претседател на Македонската академија на науките и уметностите. Во моментов е раководител во Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ.

Библиографија