• Телефон

    +3892 3068 323 ; +3892 3249 656

  • Email

    donco@iunona.pmf.ukim.mk

Датум на раѓање:
01.10.1954
Место на раѓање:
Битола
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2009
Институции:
Редовен професор на Природно-математичкиот факултет, Институт за математика во Скопје
Област на работа:
Математика (алгебра, геометриско-комбинаторна топологија)

Биографија

Академик д-р Дончо Димовски е роден на 1 октомври 1954 г. во Битола, каде што го завршува основното и средното образование. Во учебната 1973/74 г. се запишува на Математичката група на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Дипломира во јуни 1976 г., за помалку од три години, со успех 9,48, со дипломска работа “Адитивни полугрупи на цели броеви”, под менторство на проф. Ѓорѓи Чупона, објавена во Прилози на МАНУ во 1977 година. Во 1979 година ги завршува магистерските студии на  Математичкиот факултет во Скопје, со одбрана на магистерската работа „P-локализација на 1-сврзани CW-комплекси“, под менторство на проф. Смилка Здравковска. Во септември 1980 г. се запишува на докторски студии на Државниот универзитет на Њујорк во Бингамтон, САД, а докторира во мај 1983 г. со одбрана на докторската дисертација “Non-simply connected Casson Handles”, под менторство на проф. Ros Gegen, а неговата дисертација е наградена како најдобра во таа година н Универзитетот.
Од 1976 до 1977 година работи како стручен соработник на Математичкиот институт со нумерички центар во Скопје. Од 1977 до 1980 работи како асистент на Математичкиот факултет во Скопје. Од 1980 до 1983 година е студент на докторски студии во САД. Од 1984 до 1989 година работи како доцент, од 1989 до 1994 година како вонреден професор и од 1994 година до денес работи како професор на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Во летниот семестар во 1990 година е визитинг-професор на Универзитетот  Корнел во САД. Исто така, во досегашната 40-годишна наставна дејност изведувал настава на додипломските и постдипломските студии и на универзитетите во: Битола, Приштина и Штип.
Студиски престои реализирал на: Универзитетот во Мичиген, Ан Арбор, САД; Универзитетот на Тенеси, Ноксвил, САД; Истражувачкиот институт за математички науки, (МСРИ) Беркли, САД; Математичкиот центар Стефан Банах, Варшава, Полска; Универзитетот во Бингамтон, САД; Математичкиот центар во Оберволфах, Германија;  Универзитот Карлетон, Канада; Математичкиот институт, Љубљана, Словенија; Универзитетот во Софија, Бугарија; Универзитетот во Варшава, Полска; Универзитетот Хајделберг, Германија; Универзитетот Бангор, Велс.
Неговата научна дејност опфаќа: геометриско-комбинаторна топологија (специјално: 4-многуобразија, јазли и сплетови); еднопараметарска теорија на фиксни точки; хомогени компакти; динамички системи; и алгебарски, тополошки и комбинаторни векторско вредносни структури, со соодветни примени во физика, статистика и информатика. Акад. Дончо Димовски е автор на повеќе од 85 научни и 20 стручни трудови, како и на две монографии. Добитник е на наградата „Гоце Делчев” за 1989 г., за резултатите добиени од областа на векторско вредносните алгебарски, тополошки и комбинаторни структури. Во 2014 година, прогласен е за еден од дестетте најдобри научници на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за научни достигнувања во 2013 година.
Одржал предавања по покана на повеќе универзитети во Европа и САД. Остварил учество на повеќе од 80 меѓународни научни математички собири, а на повеќе од 20 од нив по покана на организаторот. Ментор на 11 докторски дисертации, од кои 9 од Македонија, една од Србија и една од Косово. Ментор на 30 магистерски работи. Член во комисии за 20 докторски дисертации и 18 магистерски работи.
Соработувал во научно-истражувачки проекти (некои од кои работени при МАНУ). Раководител бил на неколку научно-истражувачки проекти, од кои еден меѓународен (со Словенија), финансирани од Министерството за наука. Соработник бил во работата на проектот „Улогата на природните науки во образовниот процес”, финансиран од UNESKO. Координатор за Македонија на ДААД проектот Center of Excelence for application of Mathematics (1990 до 2016) и на ТЕМПУС проектот: „Докторски студии по математика во Југоисточна Европа“ (2008-2011).
Член на: Сојузот на математичарите на Македонија и на неговиот управен одбор (СММ); Американското математичко друштво (АМЅ); Балканскиот математички сојуз и на неговиот извршен одбор (МАССЕЕ).
Акад. Дончо Димовски бил референт на списанието Mathematical Reviews; главен и одговорен уредник на Математика Македоника; уредник на Математички билтен; уредник и главен уредник на списанијата Сигма и Нумерус. Рецензент е на статии од кои во некои се цитирани негови трудови, во Fixed point theory and its applications, Topology, Pac. J. Math, Algebraic and geometric topology, Forum Math., Semigroup Forum.
За редовен член на Македонската академија на науките и уметносите е избран на 27 мај 2009 година.

Библиографија