• Телефон

    +389 2 3129 215

  • Email

    zuzana@manu.edu.mk

Датум на раѓање:
02.01.1931
Место на раѓање:
Варшава
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1996
Институции:
Институтот за полски јазик во Полската академија на науките; Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје; Полската академија на науките и уметностите од Краков; Српската академија на науките и уметностите.
Област на работа:

Биографија

Родена е на 2 јануари 1931 година во Варшава. Татко ѝ бил историчар.
Матурирала во 1948 година во градот Ќелце.
Дипломирала во 1952 година на Општествениот факултет во Лоѓ – група филологија, специјализација лингвистика.
Во 1959 година докторирала на Филолошкиот факултет на Варшавскиот Универзитет. Во 1964 година стекнала звање хабилитиран доктор. Во 1974 година станала вонреден, а во 1978 редовен професор во Институтот за полски јазик при Полската академија на науките (ПАН).
Во годините 1954 – 1972 работела во дијалектолошкиот центар на ПАН како фонолог и прозодист. Подоцна, центарот на нејзиниот научен интерес станува граматичката проблематика анализирана од семантика кон форма.
Во 1972 година е повикана од страна на властите на ПАН да организира и раководи тим за обработка на нова модерна академска граматика на полскиот јазик (Граматиката беше објавена во 1984 година). Од 1973 до 1983 работела како раководител на Одделението за современ полски јазик во Институтот за полски јазик при ПАН.
Во 1967 година гостувала како visiting professor на Чикашкиот универзитет, а во 1988 година на UCLA.
Во 1958 година на меѓународните собири се среќава со професорите Б. Конески и Б. Видоески – тука почнува нејзиниот интерес за македонскиот јазик. Во 1969 година во Институтот за словенска филологија на ПАН организирала работилница за обработка на синтаксата на македонскиот стандарден јазик.
Во 1983 година се преселила во Македонија и работела како професор – гостин на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет “Блаже Конески” на УКиМ по предметот “Граматика на полскиот јазик”, а потоа и по воведениот од неа предмет “Вовед во славистика”.
За странски член на МАНУ е избрана во 1976 година, а за редовен член – во 1996 година. Од 1991 е редовен член на Полската академија на науки и уметности (ПАУ) во Краков, а од 1997 година и странски член на САНУ.
Била еден од организаторите на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика (ИЦАЛ) во МАНУ и од неговото основање во 2000 година до 2016 година го раководела Центарот. Во ИЦАЛ го води проектот “Местото на македонскиот јазик во словенскиот и балканскиот јазичен свет”, а при Одделението за Лингвистика и Литературна наука проектот “Граматички опис на македонскиот стандарден јазик”.
Акад. Тополињска е автор на над 500 научни публикации, меѓу нив над 20 книги. Таа е член на редакциски одбори на повеќе славистички списанија, член на Варшавското научно друштво и на Полското лингвистичко друштво. Добитник е на многу награди во Полска, Југославија и Македонија, меѓу другите Орден на југословенско знаме со златен венец (1990) и Државна награда на Македонија – “11 октомври” (1989). – Таа е член на две Комисии на Меѓународниот славистички комитет (МКС): Комисија за изучување на граматичките структури на словенските јазици и Комисија за Општословенски атлас. – Таа е doctor honoris causa на УКиМ (1997) и на Универзитетот во Вроцлав (Полска, 2016); во 2016 година на Универзитетот во Варшава нејзиниот докторат беше свечено обновен по 50 години.