• Телефон

    +3892 3114 112

  • Email

    zivkopopov2000@yahoo.com

Датум на раѓање:
•23.06.1950
Место на раѓање:
•Кавадарци
Членство во МАНУ:
•Редовен член, 2009
Институции:
•Редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје
Област на работа:
•Урологија

Биографија

Акад. Живко Попов е роден на 23 јуни 1950 год. во Кавадарци. Основно училиште и гимназија (Ј.Б.Тито) завршил во Битола, а Медицински факултет во Скопје во 1976 година. На Клиниките за хируршки болести (Клиника за урологија, Доц.др.Иван Влашки) при Медицинскиот факултет во Скопје се вработил во 1977 година. Едногодишната воена обврска ја обавил во 1977/78 год. во 47 класа на Санитетската офицерска школа (СОШ) во Белград и во Осиек (СФРЈ). Универзитетската наобразба ја започнува како специјалист хирург-уролог во 1983 год. кога ја завршил четиригодишната специјализација по урологија на Медицинскиот факултет во Скопје, хирург-трансплантолог е од 1986 год. кога завршил и специјализација по трансплантациона хирургија во Универзитетско-клиничкиот центар Хенри Мондор, XII Париски Универзитет, Франција (проф. Clement-Claude Abbou; проф. Jean Auvert). На 27.11.1990 год. на Медицинскиот факултет при Универзитот Св. Кирил и Методиј во Скопје ја одбранил докторската дисертација од областа на медицинските науки со наслов: “Проценка на реактивноста на локорегионалната туморска лимфаденопатија и улогата на лимфаденектомијата во дијагностиката на урогениталниот канцер” (ментор проф. др. Б. Бадиев).

Акад. Живко Попов своето образование го продолжил во Париз, при што во 1994 год. се здобил со универзитетска диплома за продлабочени студии во хируршки науки (Diplome d’Etudes Approfondies en sciences chirurgicales D.E.A.) на V Париски универзитет Rene Descartes, со писмен испит и јавна одбрана на мемоарот со наслов: “Evaluation de la proliferation et de la surexpression de p53 dans le cancer de la vessie: Valeur pronostique”. (Директор на студиите: проф. Didier Houssin).

На 10 ноември 1998 год. ја одбранил својата втора докторска дисертација во Франција од областа на хируршките науки (опција канцерологија), повторно на престижниот V Париски универзитет Rene Descartes, UFR Cochin Port Royal, теза со наслов: “Marqueurs moleculaires du cancer vesical: valeur pronostique” (ментор: проф. Dominique Chopin). Јавната одбрана на трудот била оценета со највисока оценка од страна на комисијата со која претседавал Претседателот на Француската уролошка асоцијација проф. Francois Richard. Во 2011 год. во рамките на Европската унија на медицински специјалисти (EUMS) се здобил со Европска диплома за трансплантациона хирургија (European Honorary Diploma for Transplantation Surgery) и звање FEBS (Felow of European Board of Surgery).

Клиничкиот тренинг и наобразба ги обавил во повеќе универзитетски институции во Р. Македонија, СФРЈ и странство. Согласно стручните активности предвидени со програмата и планот за специјализација покрај Хируршките клиники при Медицинскиот факултет во Скопје, во 1982 год. престојувал три месеци на Институтот за урологија и нефрологија во Белград и Уролошката клиника при Клиничкиот центар во Љубљана. Пролетта 1985 год. заминал на неколкумесечна специјализација во Mayo Clinic, Mayo Medical School, Rochester,  Минесота, САД (проф. W. L. Furlow; проф. Horst Zincke) каде што се запознал со употребата на протези во урологијата, импотенцијата, пенисната хирургија, лимфните дисекции кај урогениталниот канцер, радикалните простатектомии, трансабдоминалниот пристап на урогениталните органи и други големи хируршки процедури во онколошката урологија.

Во текот на 1985/1986 год. бил на едногодишна специјализација по трансплантациона хирургија на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар Хенри Мондор, кај реномираните професори Јеаn Auvert, Claude Abbou и Dominique Chopin. Во 1986 год. исто така престојувал четири месеци кај познатиот проф. Maurice Camey во Centre Medico – Chirurgical Foch во Париз, заради едукација во полето на онколошката урологија, посебно радикалните цистопростатектомии кај канцерот на мочниот меур,  и неговата супституција, област во која проф.Camey има сопствени процедури.

Од 1992 до 1994 год. повторно престојувал на XII Париски универзитет во Клиничкиот центар и Центарот за хируршки истражувања Хенри Мондор кај професорите Claude Abbou и Dominique Chopin. Во овој период тој извршил двегодишна суплементарна едукација во полето на бубрежната и мултиорганска трансплантација, онколошката урологија, како и научноистражувачка работа во полето на имунологијата на урогениталниот канцер.

Неговата суплементарна едукација е богата со повеќе кратки стручни престои со цел да се перфекционираат постоечките или да се воведат нови хируршки процедури во решавањето на уролошката патологија, од кои се издвојуваат: Cornell University, New York (проф. Neal Bander, 1999); Универзитетскиот клинички центар А.К.Х., Виена, (проф. M. Marberger, 2000 и 2002); Универзитетската Елизабетска болница Линц, Австрија, (проф. Janetchek, 2003); Универзитет во Тел Авив, Израел, Клинички центар Sheeba, (проф. Amram Ayalon, 2003); Универзитет во Берн, Швајцарија, (проф. Urs Studer, 2003 и 2006); Rabin Medical Centre, Beilinson Hospital, Department for Organ Transplantation, Petah Tikva, Izrael (проф. Eytan Mor, 2013) и други.

Своите академски наименувања и наставна дејност ги започнал во 1983 год. кога е избран за асистент по предметот  хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје; асистент по уролошка хирургија во 1985/1986 год. во Универзитетските болници Hopital Henri Mondor (проф. Jean Auvert) и Hopital Foch (проф. Maurice Camey) во Париз, Франција. Во 1991 год. е избран за доцент, во 1996 год. за вонреден професор, а од 2002 год. е редовен професор со два реизбора по предметите хируршка пропедевтика и општа хирургија со воена хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје. Тој одржува постдипломска настава за специјализанти по урологија, општа хирургија и други допирни хируршки специјалности каде се третираат проблеми од хирургијата на урогениталниот систем. Бил ментор на повеќе успешно одбранети докторски дисертации и магистерски трудови и сеуште е активно вклучен со три докторанти во третиот циклус на студии при Медицинскиот факултет во Скопје.

Повеќегодишните стручни и научноистражувачки престои на Клиничките болници во Париз му овозможиле да се здобие и со престижни академски титули на Парискиот универзитет: 1993/94 универзитетски клинички шеф по уролошка хирургија (Chef de Clinique associe aux Universites) при Centre Hospitalier Universitaire (CHU) Henri Mondor, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XII Val De Marne; во учебните 1997/98; 1998/99; 1999/2000; 2001 и 2003 се стекнал со титула универзитетски поканет професор по уролошка хирургија (Professeur Invite des Universites) при CHU Henri Mondor, Faculte de Medicine Creteil, Universite Paris XII Val De Marne, France, во рамките на францускиот национален контингент на професори од прва класа, со полно работно време по 4 месеци годишно. За време на овие престои на Парискиот универзитет активно е вклучен во изведувањето и менторирањето на студиите за стекнување на универзитетска диплома за продлабочени знаења во хируршките науки (D.E.A.).

Болничките наименувања ги започнал како шеф на отсекот за ендоскопија при Клиниката за урологија, Медицински факултет Скопје (1984–1991). Од 1992 до 1995 год. бил шеф на Одделението по општа урологија, а од 1995 до 1999 год. бил назначен за шеф на Одделот по уролошка онкологија. За директор на Клиниката за урологија бил избран во три мандата (1995–1997; 1999–2002; 2006-2012). Во 1996 год. бил назначен за модератор на Хируршките клиники при Клиничкиот центар Скопје, а нивни координативен директор бил во периодот од 1999 до 2002 година. Акад. Попов е основопложник и раководител на Центарот за трансплантација на бубрези при Унив.Клиника за Урологија, Медицински факултет, УКИМ, Скопје (1996-2012). Раководител на Одделот за уролошка хирургија при Специјалната Болница за хируршки болести “Филип Втори”- Скопје (2012-2014; 2016-), Општа Болница Ремедика- Скопје (2014-2016).

Стручни и научни достигнувања:

Акад. Живко Попов е првиот самостоен македонски трансплантациски хирург, комплетно едуциран и подготвен да ја спроведе оваа комплицирана хируршка методологија во пресадувањето и во решавањето на сите хируршки компликации. Со вкупно направени под негово раководство преку 260 пресадувања на бубрези (кадаверични и од жив дарител), воглавно во периодот од формирањето на хируршкиот центар за трансплантација во 1996 год. па сé до 2012 година. Акад. Попов со својот трансплантациски хируршки тим, нашата држава ја вброи во оние каде оваа дисциплина постои и се извршува на европско ниво.

Резултатите од својата работа акад. Попов ги презентирa на повеќе меѓународни симпозиуми и конгреси и ги публикувa во реномирани стручни списанија. Почнувајќи од крајот на 80-тите години на 20-тиот век, кога Клиничкиот центар во Скопје во тогашната СФРЈ претставува референтен центар за една од првите организирани кадаверични трансплантации на бубрези и кога ширум бившите југословенски простори беа за прв пат испратени десетина презервирани кадаверични бубрези, па сé до денес оваа медицинска дисциплина  перманентно се развива следејќи ги современите процедури во полето на трансплантологијата. Така, во 2002 и 2003 год. под раководство на акад. Попов се изведени и првите четири трансплантации на Балканот, при кои е употребена лапароскопска техника при земањето на бубрегот од живиот дарител, во соработка со проф. D. Chopin од XII Париски Универзитет и проф. A. Ayalon од Универзитетот во Тел Авив (Popov et al. Prog.Urol.2005).

Акад. Живко Попов едуциран на повеќе странски универзитети, а пред сé на оние во Париз, се формира во професионалец и научник од високо ниво со широк репертоар на знаења и активности во полето на урогениталната хирургија. Тој е лидер во воведувањето на повеќе тешки хируршки процедури во онколошката урологија, како што се радикалните лимфни дисекции во предел на ретроперитонеумот кај тестикуларните карциноми по што своевремено тој е познат на просторите на СФРЈ. Тој е исто така познат и по многубројните операции од областа на пелвичната хирургија на егзереза со илио-обтураторни лимфни дисекции и уринарна реконструкција. Тој го воведува трансабдоминалниот хируршки пристап при операциите на туморите на ретроперитонеумот, бубрезите и надбубрежните жлезди, и е еден од лидерите во воведувањето на радикалната простатектомија кај канцерот на простата, како и во реализацијата на неовезиката после радикална цистектомија кај мажот и жената при малигните тумори на мочниот меур. Прв во Република Македонија ја изведува трансвагиналната суспензија на вратот на мочниот меур по методата на Raz (UCLA) кај стрес инконтиненцијата кај жената. Лидер е во пенисната хирургија на овие простори, воведувајќи ја Nesbit процедурата и “patch” техниките по Devine кај вродените аномалии на пенисот и Perony-евата  болест, како и радикалните пенектомии со перинеостомија кај канцерот на пенисот. Модерните ендоуролошки методи (перкутана нефролитолапаксија, уретерореноскопијата и др.) за лекување на уринарната калкулоза, при крајот на 80-тите години на минатиот век станаа една од неговите главни стручни преокупации. Во првата деценија на 21 век, акад. Попов е лидер во воведувањето на лапароскопијата во урологијата, а посебно неговото внимание е насочено кон лапароскопската хирургија на надбубрежните жлезди која веќе станува рутина на нашите простори (Popov et al. Urology, 2008; Popov et al. Prilozi, 2015). Своето богато клиничко искуство перманентно го презентира на меѓународни и национални Конгреси и несебично го пренесува на другите колеги на хируршките клиники а особено на специјализантите.

Членување во научни асоцијации:

  • Интернационално Здружение    по    Урологија   (Societe   Internationale d’Urologie – SIU), (1995 -). Национален делегат (1998 – 2012).
  • Европска Уролошка Асоцијација – EAU (1998 -).
  • Европско Здружение по Уролошка Онкологија (член и претставник за Источна Европа во Бордот на Здружението) (2002 – 2006).
  • Член на Американската Уролошка Асоцијација (AUA) (2006-).
  • Здружение за трансплантација на франкофонските земји (Societe Fancophone de Transplantation, SFT) (2006-).
  • Европско Здружение за трансплантација на органи – ESOT (2010).
  • Македонска Уролошка Асоцијација (Претседател 1999-2002, 2010-2015).
  • Македонско Здружение за Трансплантација на органи и ткива (2005-), избран Претседател за нареден мандат.
  • Претседател и организатор на Првиот Македонски Уролошки Конгрес во соработка со Европската Уролошка Асоцијација –EAU (2002) во Охрид.
  • Претседател и органиозатор на 7-от Конгрес на Уролозите на Југоисточна Европа (SEEM/EAU, 2011) во Скопје.
  • Копретседател и организатор на 5-иот Евроазиски Зимски Форум одржан во МАНУ- Скопје (2013).

Членување во комисии:

  • Член на Федералната Комисија за Трансплантација при Сојузното Министерство за здравство, Белград, Југославија, 1991–1992 (министер Драгиша Гачиќ).
  • Национален координатор и шеф    на    “Македонија    трансплант”, (координативно  тело   за   трансплантација   на   органи  и   ткива), при Министерството за здравство наM., 2002–2011.
  • Член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во Република Македонија при МОН како претставник на МАНУ, мандат: 2011–

Национални и меѓународни награди:

  • 2000, Републичка награда „11 Октомври“ за достигнувања во полето на хирургијата и трансплантацијата на бубрези, Скопје.
  • 2002, Орден за придонес на Француската култура и наука: “Академска палма” (Chevalier dans I Ordre des Palmes Academiques) co декрет на Премиерот на Република Франција.
  • 2007, Награда „13 Ноември“ на Град Скопје за особен придонес во развојот и меѓународна афирмација во доменот на уролошката хирургија и трансплантацијата на бубрези во градот Скопје.
  • 2010, Државна награда „23 Октомври“ за достигнувања во областа на хирургијата и науката.

Грантови и проекти:

  • Член на Истражувачката група за Урогенитални тумори (GETU- Groupe d’Etudes de Tumeurs Urologiques) при 12-тиот Париски Универзитет (CHU Henri Mondor), директор: проф. Dominique K. Chopin (1992- 2005), од каде произлегуваат голем број на публикации во научни списанија со висок импакт фактор. Иницира, зема учество и координира повеќе проекти за клинички и фундаментални научни истражувања од областа на урогениталните тумори и нивната имунологија со посебен акцент на молекуларните маркери на канцерот на мочниот меур.
  • 2007-2009, Грант од Шестата Рамковна Програма за истражување, технолошки развој и демонстрација на Европската Комисија (Research grant from the 6th Framework Programme on Research, Technological Development and Demonstration of the European Commission-Contract Number: 037739) со работен наслов: Интеграција на ДНК, РНК и протеински маркери во дијагнозата и прогнозата на карциномот на мочниот меур. Во рамките на проектот набавена е опрема за основање банка на ткиво од урогенитален канцер при МАНУ (акад. Попов е главен истражувач за Република Македонија и национален претставник во конзорциумот на проектот).

Публицистичка дејност:

Три мемоари од кои два за докторски дисертации и еден за продлабочени знаења во хируршки науки, повеќе извештаи за научно-истражувачки проекти. Едитор на бројот 5 од 2000 год. на реномираното француско научно списание Annales dUrologie,  посветен на бубрежната трансплантација во Република Македонија. Акад. Живко Попов како автор и коавтор објавил над 200 научно-стручни трудови  во домашни и меѓународни научни списанија, од кои над 60 се наоѓаат на PubMed индексирани на Medline, со преку 700 цитирања во Интернационалниот индекс.

За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 27 мај 2009 година.