• Телефон

    +3892 3114 101

  • Email

    maknepfro@t-home.mk

Датум на раѓање:
26.04.1939
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Редовен член, 1997
Институции:
Редовен професор во пензија на Медицинскиот факултет во Скопје; странски член на Српската академија на науките и уметностите (од 1994); почесен член на Медицинската академија при Српското лекарско друштво (од 1998); член на Њујоршката академија на науките, САД (од 2002 година); дописен член на Academia Scientiarum Medicinarum Croatica (од 2002 година); член на Светската академија за уметност и наука (од 2006 година); член на Европ¬ската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (од 2006 година); член на Друштвото за наука „Лајбниц” од Берлин (од 2007 година)
Област на работа:
Интерна медицина

Биографија

Акад. Момир Поленаковиќ е роден на 26 април 1939 година во Скопје. Медицински факултет завршил во Скопје во 1963 година, кога како најдобар студент-првенец е награден од Универзитет „Кирил и Методиј“, Скопје. Специјализација по интерна медицина завршил во 1969 година. Во 1977 година ја одбранил докторската дисертација на тема „Клиничко имунолошка процена на патолошките настанувања во бубрежните гломерули“. За редовен професор е избран во 1988 година. Работи на Клиниката за нефрологија при Медицинскиот факултет во Скопје, а во периодот 1990–1997 година бил директор на Клиниката за нефрологија. Од 2005 година е во пензија.
Во текот на 1972 и 1973 година е на стручно усовршување во САД како стипендист на IREX. Најголем дел од времето го поминал работејќи на North­western University, Chicago, на De­partment of Medicine, Renal Unit and Department of Pathology. Како стипендист на Светската здравствена организација (WHO) престојувал на универзитетските нефролошки клиники во Шведска, Германија и Англија. Visiting Professor на Fulbright Program во САД 1991/1992 година.
Акад. Момир Поленаковиќ искуствата од светот ги применил во нашата средина, а и нашите сознанија и достигнувања ги соопштил во земјава и странство во над 535 отпечатени научни и стручни трудови, од кои 200 труд се на Pub Med, како и во 250 апстракти со кои учествувал на научно-стручните состаноци во земјата и светот. Редактирал и издал пет книги на реферати од конгреси и научни состаноци. Автор е на книгата „Исхрана кај болните со бубрежна инсуфициенција и на дијализа“, 1997, како и коавтор (со акад. И. Дејанов и П. Дејанов) на книгата „Инфекции, хемостатски нарушувања и антибиотичка терапија кај болни на хемодијализа“, 2004, уредник на книгата „Renal Failure – The Facts“, InTech, 2012.
Уредник и член на уредувачки одбори: Главен уредник: Прилози, Одделение за медицински науки, Македонска академија на науките и уметностите (од 2002); Помошник уредник (Associate editor) на спиаснието БАНТАО; Член на уредувачки одбор на: Actual Nephrology: Kidney Foundation, Varna – Bulgaria; Aktuality v nefrologii (Current concepts in nephrology), Czech Republic; Поранешен член на уредувачкиот одбор на: Македонски медицински преглед, на списанието Nephrology, Dialysis, Transplantation (NDT- официјално списание на Европската ренална асоцијација), и на списанието JAMA (Journal of American Medical Association); Југословенско издание.
Акад. Поленаковиќ е активен во изучувањето на: гломерулонефритите, интерстиционефропатиите (Балканска ендемска нефропатија), уринарни инфекции, инвазивна и неинвазивна нефролошка дијагностика, ренална трансплантација, плазмафереза. Акад. Поленаковиќ за прв пат во нашата земја воведува добивање на бубрежно ткиво по пат на перкутана бубрежна биопсија и овозможува иследување на свежо добиено бубрежно ткиво со имунохемиски методи. Ја дал класификацијата на гломерулонефрититс во Република Македонија. Од 1965 година акад. Поленаковиќ учествува во лекување на акутната бубрежна инсуфициeнција со хемодијализа, а од 1971 година во лекувањето на хроничната бубрежна инсуфициснција со интермитeнтна хемодијализа. Прв го вовел лекувањето со рекомбинантeн еритропоетин, на реналната анемија  кај пациенти лечени со дијализа. Во 1977 година учествувал во изведувањето на првата бубрежна трансплантација на Медицинскиот факултет во Скопје.
Акад. Поленаковиќ одржал повеќе предавања од областа на гломерулонефритите, балканската ендемска нефропатија и лекувањето на хроничната бубрежна инсуфициенција во повеќе институции во земјата и странство (Лон­дон, 1977 и 1983; Лај­ден, 1989; Бел­град, 1982, 1983; Заг­реб, 1983; Љуб­ља­на, 1985; Чикаго, 1992; Хјустон, 1992; Лос Анѓелес, 1992, Вашингтон, 1992; Чарлстон, 1992; Бетезда (NIH), 1992; Деј­тон, 1995; Болоња, 1997; Из­мир, 1999; Ахен, 1999; Со­лун, 2001; Со­фи­ја, 2004; Берлин 2005; Сплит, 2006; Опатија, 2006; Кишињев, 2007; Белград, 2007; Брач, 2008; Бриони, 2008; Љубљана, 2008; Милано, 2009).
Акад. Момир Поленаковиќ активно учествува во работата на Македонското лекарско друштво. Основач и претседател е на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи (1992-2011). Иницијатор е за создавањето на Балканската нефролошка асоцијација (БАНТАО) во 1993 година. Член е на повеќе меѓународни асоцијации и здруженија, и тоа: European Dialysis Transplant Association-European Renal Association, International Society of Nephrology, Inter­national Society for Artificial Organs и др. Од 1992 год. е претседател на Македонското здружение за нефролгија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, а од 2011 год. е негов почесен претседател. Од 2011 год. е претседател на Етичкиот комитет на МАНУ, a во 2014 год. е избран за прв претседател на Македонското здружение на медицински уредници, а од 2016 год. е почесен претседател.
Тој е носител на повеќе признанија и награди, меѓу кои: Орден заслуги за народ со сребрена ѕвезда, Повелба ,Д-р Трифун Пановски“ (1988), од National Kidney Foundation (NKF), USA доделено му e Distinguished International Medial за 1997 година, највисоко иризнание кое се доделува од NKF на нефролози, кои не се жители на САД, за извонредни научни достигнувања во нефрологијата и за работа во развивањето на нефрологијата во својата земја, Награда на град Скопје – „13 Ноември“ за особени остварувања во здравствената заштита од областа на нефрологијата (2005), Сребрен медал од прв ред „Столна медаља на Македонската православна црква“ по повод 50 години од обновувањето на Охридската архиепископија и 40 години од автокефалноста на МПЦ (2008), Државна награда на РМ – „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката и образованието (2009) и други. Во 2013 год. е добитник на наградата The 2013 Pioneer Award Eastern & Central Europe region на Интернационалното здружение за нефрологија (ISN) за постигнувањата од областа на нефрологијата за регионот на Источна и Централна Европа.
Акад. Поленаковиќ во 1994 година е избран за странски член на Српската академија на науките и уметностите, како и за член на Фондацијата „Бубрег“, Варна, Бугарија. Во 1996 година е избран за член на Академската асоцијација за медицински интердисциплинарни студии, Романија (Academic Association of Medical Interdisciplinary Studies). За  надворешен член на Академијата за медицински науки на Српското лекарско друштво е избран во 1998 година, а во 2002 година е избран за член на Њујоршката академија на науките (САД) и истата година за надворешен член на Академијата за медицински науки на Хрватска. Исто така, во 2006 год. е избран за член на Светската академија на уметност и наука (Сан Франциско, САД), како и за член на Европската академија на науките (Салцбург, Австрија). Од 2007 год. е член на Друштвото за наука од Берлин „Лајбниц“ (Германија).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 26 јуни 1997 год., а во периодот 2004–2007 год. бил нејзин потпретседател. Од 2011 год. е раководител на Истражувачкиот центар за генеттско инженерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ на МАНУ.