• Телефон

    +3892 3238 338

  • Email

    npopjordanova@ymail.com

Датум на раѓање:
17.03.1947
Место на раѓање:
Скопје
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2012
Институции:
Редовен професор во пензија на медицинскиот факултет во Скопје
Област на работа:
Педијатрија

Биографија

Акад. Нада Кожинкова Поп-Јорданова е родена на 17 март 1947 година во Скопје. Основно училиште и гимназија завршила во Скопје како првенец на генерацијата. Паралелно со гимназијата дипломирала и средно музичко училиште, отсек – виолина. Студиите по медицина ги завршила на Медицинскиот факултет во 1970 година со просечна оценка 9,88. По задолжителниот лекарски стаж и положување на стручниот испит работела една година како волонтер во Заводот за ментално здравје за деца и младинци. На Клиниката за детски болести се вработила во 1972 година, а во 1977 станала лекар-специјалист педијатар. Во 1982 година дипломирала психологија на Филозофскиот факултет во Скопје (просечна оценка 9) со одбранета дипломска работа „Цртежите како проективна техника кај децата со органски болести“.
Во 1983 година го одбранила докторскиот труд „Психолошки фактори кај идиопатската адипозност кај школските деца“ под менторство на проф. Васка Донева, преку кој за првпат во педијатријата го воведува психосоматскиот приод во етиологијата на заболувањата. Работејќи повеќе години на одделот по гастроентерохепатологија под раководство на проф. Ратка Влашки, во 1987 стекнува титула супспецијалист по гастроентерологија.
Меѓутоа, нејзиниот интерес за психолошката медицина и психосоматиката ја мотивира за надградба и усовршување токму во оваа област, поради што остварува куси престои на соодветни институции во Виена (1988), Софија (1988), Загреб (1989, 1990), Нови Сад (1989), Белград (1991), а потоа во Токио (2000) и на Imperial College – Лондон (2003). Сите овие престои го надополнуваат нејзиното знаење од областа на медицинската психологија и детската невропсихијатрија. Една школска година (1992–93), како визитинг-професор престојува во Лозана, Швајцарија, во”Centre Hospitalier Universitaire Vaudois”, главно на одделите за развој и ментални проблеми кај младите. Таму работи со познатите Проф. Ансермет и Проф. Бачард, еминентни стручњаци од областа на детската и адолесцентна психијатрија. Во текот на овој престој се вклучува во тамошните стручни екипи посветени на работата на менталното здравје кај младите.
Во 1995 година го формира Одделението за психофизиологија на чие чело останува сé до заминувањето во пензија (2011).
Работејќи и објавувајќи трудови од областа на менталното здравје и психофизиологијата станува меѓународно препознатливо име за што говори нејзиниот избор за редовен член на International College of Psychosomatic Medicine (1994), European Association for Research in Adolescence (1996), Swiss Society for Child and Adolescent Psychiatry (1996), International Organization of Psychoscoiology (1997), Interantional Society for Neuronal Regulation (2002), Society for Applied Neuroscience (2004), Society for Seflregulation and Biofeedback (2005).
Во 1996 година за првпат во Македонија и во поширокиот регион ја вовела методата компјутеризиран биофидбек како во проценката така и во терапијата на разните психофизиолошки растројства. Притоа, таа соработувала со врвни експерти од оваа област како Lynda Thompson (Торонто), Jury Kropotov (Ст. Петерзбург), Berry Sterman (Калифорнија), Олга Базанова (Новосибирск), Andy Muller (Цирих), John Gruzelier (Лондон), John Roy (Њујорк) и др. Истовремено, за првпат на Балканот ја вовела методата квантитативна електроенцефалографија со мозочно мапирање.
Во наставната активност акад. Кожинкова Поп-Јорданова ги поминала сите фази на напредувањето од асистент (1978–84), доцент (1984–90), вонреден професор (1990–96), редовен професор (1996–2011), а во два мандата ја раководела катедрата по педијатрија како нејзин шеф (1999–2003).
Акад. Кожинкова Поп-Јорданова објавила над 400 научни трудови, а во над 85% од трудовите таа е единствен или прв автор. Поголемиот број од трудовите се објавени во меѓународни научни списанија. Научноистражувачката активност на акад. Кожинкова Поп-Јорданова се состои во реализирањето на 16 меѓународни и шест домашни проекти, како и со учество како член на работни групи во повеќе меѓународни проекти.
Член е на следните странски академии: Њујоршката академија на науките, САД (1997), Светската академија за уметност и наука, САД (2006) и Европската академија на науките и уметностите, Салцбург, Австрија (2012).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избрана на 4 јуни 2012 година.