• Email

    popatanasov@yahoo.com

Датум на раѓање:
10.11.1940
Место на раѓање:
с. Елешница
Членство во МАНУ:
Редовен член, 2012
Институции:
Православниот богословски факултет во Скопје
Област на работа:
средновековна македонска книжевност, библистика, херменевтика, црковна химнографија

Биографија

Акад. Ѓорги Поп-Атанасов е роден на 8 ноември 1940 година во село Елешница, Разлошко, Пиринска Македонија. Основно образование завршил во родното село, а гимназија во градот Разлог. Високото образование го оформува на Богословскиот факултет во Софија, каде што дипломира во 1967 година. Од 1972 година живее во Република Македонија. Постдипломски студии завршува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што магистрира на тема „Кичевскиот октоих од XIII век“ и докторира на тема „Октоихот во македонската писмена традиција“. Работел во Македонската архиепископија, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, Ракописното одделение при Народната и универзитетска библиотека во Скопје и во Институтот за македонска литература, каде што бил научен советник и раководител на Одделението за средновековна македонска литература. Од 1990 година на Богословскиот факултет ги предава предметите од областа на Стариот завет: староеврејски јазик, вовед во Светото писмо на Стариот завет, старозаветна историја со библиска археологија и старозаветна егзегетика со библиска херменевтика.
Во својата научна активност, пак, акад. Поп-Атанасов е ориентиран кон повеќе научни богословски дисциплини – македонска црковна книжевност, историја на македонското правoславно богослужение, хагиографија, библистика, црковна химнологија и др. Македонската црковна книжевност ја проучува од повеќе аспекти, почнувајќи од книжевните дела на светите браќа Кирил и Методиј и нивните најблиски ученици и соработници светите Климент и Наум Охридски, одделните духовни школи и манастирски книжевни центри, па сè до одделните црковници – монаси и свештеници, кои преку црковната книжнина ја ширеле духовната просвета меѓу православното македонско население. Посебно внимание им посветува и на книжевните творци од подоцнежниот период, особено на оние што работеле во кругот на Слепченскиот и на Кратовскиот црковно-книжевен центар. Од областа на црковната химнологија и хеортологија се и научните прилози на акад. Поп-Атанасов посветени на словенскиот превод на октоихот и неговото ширење во македонската писмена традиција.
Научниот интерес на акад. Поп-Атанасов е насочен и кон врските на Македонската православна црква и нејзините претставници со светогорската монашка заедница и светогорските манастири. Битен елемент од научното дело на Акад. Поп-Атанасов се и неговите истражувања во врска со Кирилометодиевскиот превод на Библијата и ширењето на одделните библиски книги во македонската писмена традиција. Го проучувал односот на старословенскиот библиски превод со глаголската писмена традиција во Македонија, се задржува на одделни периоди од македонското Средновековие, во коишто библиската традиција е особено продуктивна итн. Повеќе поими од сферата на библиската теологија и македонската литургиска книжнина тој разјаснува во својот труд „Речник на старата македонска литература“, во „Македонскиот историски речник“, „Книжевно-теорискиот поимник“ и во „Македонската енциклопедија“.
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов раководи или учествува со свои прилози во бројни научноистражувачки проекти на Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Богословскиот факултет „Свети Климент Охридски“, Институтот за проучување на старословенската култура и др. Тој, исто така, учествува на научни собири во земјата и во странство, уредува или членува во редакцијата на периодични изданија, во коишто се обработуваат теми од областа на црковната книжевност, библистиката, библиската теологија и херменевтика („Спектар“, „Кирилометодиевистика“, „Годишен зборник на ПБФ“ и др.).
Акад. Ѓорги Поп-Атанасов досега има објавено над 20 книги и повеќе од 150 статии што јасно укажува на неговата творечка активност во областа на научно-истражувачката дејност. Позначајни негови објавени дела се: „Ракописни текстови на македонски народен говор“, Мисла, Скопје 1985; „Речник на старата македонска литература“, Македонска книга, Скопје 1989; „Кичевскиот октоих, македонски книжевен споменик од XIII век, Менора, Скопје 2000; „Средновековна македонска химнографија (IX-XIII век), Институт за македонска литература, Скопје 2007; „Македонската глаголица, МАНУ, Скопје 2015 и др. Ги приредил Избраните дела на акад. Владимир Мошин во 10 томови (Менора, 2002-2013) и Црковната поезија на св. Климент Охридски (Менора, Скопје 2008).
За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 4 јуни 2012 година.